Проект за мониторинг на АВМУ и АЕК

Со проектот „Мониторинг на ефикасноста, ефективноста, транспарентноста и одговорноста на регулаторните тела за медиумите – PROformance watch“, во период од 15 месеци, ќе се мониторираат работењето на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги  и Агенцијата за електронски комуникации.

На овој начин, предвидено е да се утврдат проблемите со кои се соочуваат проблемите на овие институции, нивните силни и слаби страни, како и нивната отпорност на надворешни влијанија и притисоци.

Во работата на овие институции ќе се разгледуваат повеќе аспекти: транспарентноста и отчетноста на институциите, ефективноста и независноста на нивната работа, перформансите и извршувањето на обврските, како и влијанието на нивната работа врз остварувањето на јавниот интерес. На овој начин ќе се следи дали АВМУ и АЕК си ги извршиле обврските пропишани со закон, но и реалните ефекти од нивната работа.

Во проектот ќе учествуваат Македонскиот центар за европско образование, Транспарентност Македонија, НВО-Инфоцентарот и Хелсиншкиот комитет.

Како што стои во „Основниот документ за мониторинг на АВМУ и АЕК“, кој како дел од проектот веќе е објавен, „сите медиуми мора да бидат ослободени од секаков политички притисок, без мешање и закани. Медиумите треба да се дистанцираат од партиските политики и не треба да бидат во служба на политичарите и политичките партии. Медиумите играат посебно важна улога во ситуации на политичка криза. Јавен интерес е нивната задача да откриваат можни грешки во функционирањето на државата или општеството. Оттаму, треба да се нагласи дека, во рамките на овој проект, работата на двата регулатора (АВМУ и АЕК) ќе се следи низ призмата на заштитата на јавниот интерес“.

Врз основа на добиените резултати и информации, ќе се предлагаат и определени препораки кои ќе се однесуваат на подобрувањето на работата и функционирањето на АВМУ и АЕК.

М. Т. 

Print Friendly, PDF & Email