ПРОДОЛЖУВААТ ПРИТИСОЦИТЕ И ПРЕВИРАЊАТА ВО ССМ

Превирањата во Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) продолжуваат. ЦИВИЛ – Центар за слобода подолго време инсистира на ставот дека правото на синдикално организирање е едно од основните права на работниците, а силен и независен синдикат со демократска структура е од суштинско значење за заштита на работничките права.

Следејќи ги последните настани во ССМ, ја изразуваме нашата загриженост поради одложувањето на седницата на Претседателството на ССМ на која што треба да се констатираат два кандидати за избор на Претседател на ССМ. Уште позагрижувачки е тоа што ова одложување се користи за дополнителни притисоци врз гранските синдикати што го поддржуваат Симон Силјановски, противкандидатот на досегашниот претседател, Живко Митревски.

Извори од ССМ јавуваат дека најновите притисоци се во форма на наметнување варијанти во стилот „земи или остави“. На гранските синдикати што го поддржуваат противкандидатот Симон Силјановски им се нуди „компромис“ во форма на заменик-претседателско место во ССМ за Симон Силјановски. Во случај да не го прифатат тоа, врхушката на ССМ се заканува дека предлогот за кандидатура на Силјановски ќе го отфрли на претстојната, повеќе пати одложена, седница на Претседателството на ССМ. „Ќе му најделе некој „пропуст“ за да го оправдаат тоа“ – наведуваат нашите извори.

Според дел од гранските синдикати кои ја добиле оваа „понуда“, ваквиот пристап не само што не е демократски туку е и нестатутарен. Никаде во Статутот на ССМ нема одредби за позицијата „заменик претседател“. Менување на одредбите на статутот може да се изведе само со гласање на делегатите на Конгрес на ССМ. Со евентуално прифаќање на „понудата“ на Живко Митревски, самите синдикати би се довеле во правен лавиринт да гласаат за нешто што е спротивно на нивниот „устав“ - Статутот на ССМ.

Претставници на гранските синдикати со кои контактираше ЦИВИЛ нагласуваат ваквиот начин на „договарање“ е крајно недемократски и неприфатлив. Дел од нив дури се сомневаат дека Митревски ги (зло)употребува имињата на неколку високи функционери на партиите на власт - со или без нивно знаење. Тоа е прашање на кое сегашниот претседател ќе треба да одговори пред своите членови.

Најдемократски ќе биде овозможувањето на два кандидати за избор на Претседател на ССМ а бидејќи поддршката на двата кандидати е од грански синдикати кои бројат над 30,000 членови. Ако веќе мора да се поставува компромис, тој треба да биде демократски изгласан, евентуално во форма на договор кандидатот што ќе изгуби да биде избран за заменик-претседател – велат нашите извори.

ЦИВИЛ уште еднаш нагласува дека правото на синдикално организирање е неприкосновено, а синдикатот (ССМ) мора да има демократска структура за да може доследно и транспарентно да делува и да ги застапува правата на работниците.

Print Friendly, PDF & Email