Ова го нема никаде во светот!

Откако Одборот за акредитација и евалуација на високото образование издаде дозвола за формирање на нов државен универзитет на македонски јазик во Скопје -  “Дамјан Груев”, ЦИВИЛ Медиа разговараше со професори од универзитетот “Св. Кирил и Методиј”, за нивниот став, по прашањата - дали има потреба од уште еден универзитет, има ли доволно кадар што ќе предава на новиот универзитет, и што тоа значи за образовниот систем во Македонија? 

Професорот во пензија на Медицинскиот факултет, д-р Владимир Борозанов, смета дека нема потреба од отворање на нов универзитет, и дека подобро е парите предвидени за негово формирање, да се искористат за подобрување на квалитетот на веќе постоечките факултети.

“Продолжува политиката на снижување на квалитетот на УКИМ и на Медицинскиот факултет во Скопје. Не знам која е причината и мотивите, но веќе доста години наназад тој е запоставен. За жал, ќе биде лошо за граѓаните, затоа што едукацијата на студентите рапидно паѓа. Е, сега, овој нов универзитет, се однесува повеќе на воена медицина, но нема ни една медицинска студија, никаде во светот нема клиника, а да не зборуваме за ваков - субспецијален медицински  факултет. Ова не сум го видел никаде во светот. Имаше во големите држави, медицински факултет при воено-медицински академии, мислам тоа уште постои во Белград, но тоа е сосема друга структура. Само да ми објаснат како ќе учат студентите: анатомија, медицинска хемија, физиологија, биологија...: Каде ќе вежбаат? А тоа е основа на медицинското знаење. Слична е ситуацијата и во Штип и во Тетово, а сега, еве, уште еден удар врз едукацијата на идните доктори!?“, смета д-р Борозанов.

Тој се плаши дека ќе се импровизира поради недостатокот на кадри.

„Немаме ние кадар за да обезбедиме комплетна здравствена заштита на населението, или, само ќе имаме  кадар за факултети, а по внатрешноста ќе умираат оти немаат доктори? Па, и во Скопје нема кадар. Има недостаток гинеколози, оти приватниот сектор ги апсорбира сите квалитетни кадри. И од економска гледна точка е проблематично, подобро е ако веќе решиле тој дел да го финансираат, иако во денешно време воена медицина би била потребна во случај на атомска војна, подобро е да инвестираат во катедра за воена медицина и воена хирургија, нека ја обноват, осовременат, па ајде да кажеме дека тоа има некаков резон. И потребата од Воздухопловна академија, а имаме само еден авион и еден хелихоптер, ама тоа е... А, дека некој ќе дојде да учи кај нас, тоа да ми јават... Медицинскиот факултет едно време имаше добро реноме, имаше студенти од Палестина, од арапските земји, но тоа отпадна и практично, денес ги нема. Место ова да се прави, многу подобро е да се обнови Медицинскиот  факултет, и да му се врати силата што ја имаше, затоа што 65 години традиција не е малку. Тој беше најквалитетен и сé уште е најквалитетен медицински  факултет што го имаме, со сите маани“, дециден е искусниот професор Борозанов.

Марија Теговска

 

Print Friendly, PDF & Email