Кокетира ли опозицијата со ромските гласачи?

Уште само неколку дена останаа да се достават листите со кандидати за пратеници кои ќе настапат во изборната трка. Опозициската партија СДСМ пред неколку дена ја изгласа листата на кандидати, но сé уште се отворени неколку позиции за коалиционите партнери. Интересно е дали во коалицијата предводена од СДСМ, ќе има ромска политичка партија? Дали СДСМ ќе остане доследна или ќе ги разочара „своите“ лојални ромски гласачи? 

10599119_1145612902133558_7387936387436943090_n

Пишува: Дехран Муратов

Самка Ибраимовски од ПЦЕР, најави бојкот на изборите, затоа што во коалицијата не се исполнети барањата на неговата партија. Но, дали тоа нешто (ќе) им значи на СДСМ? Дали опозицијата ќе ѝсврти грб на единствената ромска политичка партија која ги поддржуваше во изминатите 10 години? Дали опозицијата заборави која ромска политичка партија имаше шатор во „Кампот на слободата“ пред Владата, со паролата „Џатуке Никола!“ (Оди си Никола!)... Или, можеби, во опозицискиот список ќе се најде името на министерот без ресор, Неждет Мустафа, кој најави дека на овие избори, нема да коалицира со неговиот десетгодишен коалиционен партнер ВМРО-ДПМНЕ...?

На списокот на СДСМ, засега сигурно место има Курто Дудуш, на несигурното 7 место за пратеник, во Изборната единица - 2. Меѓутоа, колку тој ќе биде успешен против Амди Бајрам, кој најверојатно ќе биде на листата на ВМРО-ДПМНЕ и кој во изминатите изборни циклуси редовно е апсолутен победник во Шуто Оризари? Дали опозицијата има стратегија како ќе ги освои ромските гласови? Дали ќе коалицира со некого што 10 години му служел на режимот...?!

Мора ли опозицијата да ги има на листа претставниците на сите етникуми? По секоја цена? Мора ли на местата на листите, резервирани за коалиционите партнери, да се поставуваат личности, пред сé, како претставници на етнички партии, значи, според нивната етничка припадност? Зарем не е поважна квалификацијата и стручноста? Граѓан(к)ите бараат вистински промени, а не замени. На граѓан(к)ите, вклучувајќи ги Ромите, нема да им биде толку битна етничката припадност на некој политичар, ако тој добро си ја врши работата. И, во конкретниот случај, ако се залага за остварување на барањата на Ромите. Но, и обратно, каква корист има од фактот дека е Ром, ако е „безгласна буква“? Да, убаво е да има претставници од сите етнички заедници во парламентот, но вистински претставници, кои ќе се залагаат за правата на „своите“.

Граѓан(к)ите знаат да ја препознаат лојалноста и тоа го наградуваат. Гледано низ призмата на најпопуларната споредна работа на светот: голманот на „Јувентус“, Буфон, можеби денес не е најдобриот, но сите навивачи го сакаат и почитуваат, пред сé, заради сé она што го постигнал, но и затоа што, лојално, не го напушти тимот, кога го исфрлија во Втората италијанска фудбалска лига. Навивачите (гласачите) знаат да наградат со аплаузи, но ако се почувствуваат изневерени, можат и постојано да исвиркуваат...

Дел од лидерите на ромските партии го напуштаа тимот во моментот кога ќе предвидеа дека ќе загуби партијата која ја предводи коалицијата... Дали конечно, ромските гласачи ќе ги исвиркаат оние кои се обидуваат редовно да играат на победничката карта (партија)? Со тоа што некој ќе го смени дресот, не значи дека ќе стане подобар играч (политичар). Неговата игра и тактика е јасна, но, дресот не игра, човекот игра... Некој ќе каже, дека можеби треба конечно, да им се даде шанса да се докажат, затоа што со години тренерот (лидерот на партијата што ја предводи коалицијата), всушност, и не ги пуштал да играат, ги држел на клупа (во министерска или директорска фотелја, ама не им дозволувал да покажат што знаат и умеат). Но, со долгогодишното седење на резервната клупа (удобната фотелја), човек губи осет за играта (во политиката - и за критиката), па и не може да заигра во првиот тим...

 

Print Friendly, PDF & Email