Карпош повикува: Да го радикализираме протестот, за да не го живееме Дебар Маало

Претставници на инцијативите за заштита на зеленилото на граѓанките и граѓаните на општина Карпош, денеска одржаа средба со медиумите пред привремениот објект на општината сместен во дворот на ОУ “Лазо Трповски”, при што потсетија на нивните барања и упатија остри критики на адреса на општината и градоначалникот поради дегарадација на животната средина во Карпош, уништувањето на зеленилото и узурпирањето на јавните простори.“Уништеното зеленило – не е развој. Издувните гасови, сообраќајниот метеж и загаденоста на воздухот – не се развој. Падот на вредноста на становите заради деградирањето на животната околина со прекумерна изградба и хиперпродукција на станови – не е развој”, истакна Сашо Цветановски, еден од претставниците на граѓаните кои говореа пред медиумите.

Граѓаните информираа дека согласно Законот за слободен пристап до информации, упатиле прашања до општината – како се дефинираат поимите “фиктивен ДУП” и “фиктивни паркиралишта”  кога такво нешто не постои во законот. Граѓаните прашале и за законските начини за свикување на собир на граѓани, но на овие прашања не добиле одговори од општината, рече Слободан Михајловски, еден од претставниците на карпошани. “Во Карпош 4, во речиси секој парк е впишан паркинг, “фиктивен” како што вели градоначалникот. Со тие паркинзи ќе се исечат над 430 развиени, возрасни дрва”, предупреди Михајловски.

“Мораме да го радикализираме протестот, за да не го живееме Дебар Маало”, повика Виктор Делевски, еден од активистите на граѓанската инцијатива. Тој информираше дека во Карпош се предвидува да се гради уште еден трговски центар, нови станбени и деловни згради, што ќе значи сериозно загрозување на парковите и животната средина.

Граѓаните повикаа - наместо впишување на “фиктивни паркинзи” во ДУП-от, во него да се впишат реалните зелени површини. Тие најавуваат дека ќе продолжат да протестираат се додека не се реализираат нивните барања.

Print Friendly, PDF & Email