ИЗБОРИТЕ ПОД ЛУПА

ОБСЕ/ОДИХР, како во ретко која друга земја, по втор пат испраќа обемна набљудувачка мисија. – Мост со 3.500 набљудувачи ќе покрие 60-65% од изборачките места. – МЦМС и Институтот за демократија со заеднички проект за испитување на јавното мислење и широк мониторинг. – Цивил на територијата на цела држава за јакнење на јавната свест и превенција од изборни нерегуларности

Насилно исфрлање на опозицијата и медиумите од парламентот, изборен бојкот, многу услови, уште повеќе уцени. Тензично политичко окружување во земјата, и дежурна будност на меѓународната заедница. Додека опозицијата не прифаќа учество на локални избори ако не се исполнат нејзините услови, Владата најавува дека престојните ќе бидат слободни, фер и демократски избори.  Гласачите пак, стравуваат од вознемирување, а вработените во јавната администрација од злоупотреба на нивните позиции.

electionsМакедонија е една од ретките држави каде ОБСЕ/ОДИХР мисијата испраќа, по втор пат, набљудувачка мисија за локални избори. Во регионов, само уште Албанија беше предмет на набљудување за време на локалните избори. Недоволната транспарентност во финансирањето и донирањето за политичките кампањи, пристрасните уредувачки политики во медиумите и прекршувањето на парламентарните процедури, во извештаите се посочуваат како доволни причини за страв од можни насилства во изборниот процес, се наведува во прелиминарните извештаи на меѓународните и домашните организации и институции. Дипломатите покажуваат загриженост за политичката разврска во Македонија. Деновиве ќе се распоредат 20 долгорочни и 300 краткорочни набљудувачи на мисијата на ОДИХР. Се дознава дека една од важните поенти на оценката за изборниот процес оваа година ќе биде бројот гласачи кои ќе излезат на избирачките места, за да се оцени легитимноста на изборите.

Граѓанската Асоцијација Мост е највидливата организација која се занимава со изборни системи и која има големо искуство со набљудување на гласачкиот процес. Од Мост нé информираа дека, како и на досегашните изборни процеси, и сега ќе настојуваат да распоредат околу 3.500 набљудувачи на избирачките места и 84 мобилни тимови. Со оваа бројка на набљудувачи би се покриле околу 60-65% од избирачките места.

SDSM protest (m)На нашето прашање за проценка на ситуацијата во земјата пред одржувањето на локалните избори 2013, од оваа Асоцијација ни рекоа дека во изминатите 10 години Мост не давал проценка на било какви случувања во предизборието. „Меѓународните стандарди кои се воспоставени и се имплементираат од страна на Мост во изминатите 10 години се и ќе останат основа за спроведување на оваа исклучително комплексна операција. Од таа причина, Мост и овој пат нема да ги коментира и да дава проценка на состојбите“, ни рекоа од Мост.

Други две организации - Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) и Институтот за демократија (ИДСЦС), за овие локални избори реализираат низа заеднички активности. Како што соопштија овие организации, тие веќе започнаа со испитување на јавното мислење, набљудување на изборни програми и кампањи, на медиумите, на изборната администрација и на денот на гласање. Како почетна активност беше испитано јавното мислење за карактеристиките кои ќе влијаат на нивниот избор на градоначалник и советничка листа.

Мандатот на Цивил – Центар за слобода на овие избори е преку дејствување на терен да го подигне нивото на политичка култура и да ја зајакне свеста за потребата од слободни и ненасилни избори кај сите учесници во изборниот процес. Како и во претходните изборни процеси, овој проект на Цивил предвидува и поттикнување на граѓански активности за превенција од насилство и оружено насилство во текот на изборниот процес.

Цивил – Центар за слобода во овој момент има над 100 мобилни набљудувачи распоредени во сите општини во земјата во текот на целиот изборен процес уште од почетокот на февруари, а на самиот ден на изборите оваа бројка ќе биде двојно поголема. Набљудувачите на Цивил имаат обврска да ја набљудуваат атмосферата и можните нерегуларности во поширок контекст на целата територија на земјата во подолг временски период, а не само на денот на изборите и не само на избирачките места.

Анушка Цветковска

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: AlbanianEnglish