Гипсано-полиестерско-барокна Македонија

По секое црвенеење на образите, при посетите на гости од странство на македонскиот главен град, на кои морам да им објаснуваам дека не сме народ кој колективно е на халуциногени дроги, и дека имаме и своја, богата, историја, и дека силувањето на Скопје од бездарниците во уметноста и во политиката, не е желба на обичните смртници, кои мака мачат како да преживеат... не знам дали од туѓиот срам што ме изеде - да се замијам, или да се убијам

Пишува: Синиша Станковиќ

Пишува: Синиша Станковиќ

И, пишувам во сите медиуми со кои соработувам, за резилот, за грдотијата и за лузните врз лицето на она, некогаш убаво Скопје, чисто, за да си ја спасам душата. Зашто, и јас, како и сите немтури пред чии зачудени погледи, за само шест години се издигна „светската престолнина на кичот“, пишував за некои други работи: за гнасотиите во политиката, за девастираната економија, за арамилакот без инсаф, и како да немав време, да сфатам што ни се случува. И се мајтапев на сметка на креатурите со промашени животи, кои препелкајќи се во својата неоствареност на ниту еден план, решија на мојот роден град да му ја урнисаат физиономијата.

Пишував за „бурек – барокот“, за „балканската верзија на Лас Вегас“ и за метаморфозата на Градот на солидарноста во Град на хаосот, во сценографија за една морничава трагикомедија за духот на Паланката... Пишував и за оној без гаќи, и за вечниот огин што постојано се гаснеше и за раката на Карев поставена во питачка позиција (голема како лопатата на Алија Сиротановиќ, оти бедни сме и проколнати, а и душата на сламка ни ја извадија „преродбениците“ кои ни брцаа во џебот 24/7, па и преку споменици, допрва ќе пекаме за помош, за да ги вратиме долговите...). И, си играв дрн-дупка со безличните ликови на фирерчињата од нашите џадиња и сокачиња, кои со стиропорни кулиси сакаа да ни создадат „барокно“ минато, троа поубаво од нашето, кое не им чинело, па аздисаа и алчно посегнаа по туѓото, кое, нели, „сечи од газот – крпи ги ушите“, така, накриво насадено, еве не вирее на балканскиве скрки, оти не му е арно под македонското сонце  и од ветерот крај Вардар.

Пишував, ама не доволно, море и врескав по улици, ама, не – доволно! Додека ние им се смеевме на провинцијализмот, тие си „остваруваа“, покрај сметките во банките, ги исполнуваа и налудничавите планови на сите оние кои мразат (та, не е само Скопје, ете, и Битола сакаат да ја унакажат, ма, тие и Париз би го уништиле, само ако добијат шанса...), на сите оние кои го мразат ГРАДОТ, оти се плашат од него и знаат дека не припаѓаат тука. И затоа сме денес тука, каде што сме. И, можеме или само да молиме, апелираме, предупредуваме... како досега, или отсега, да размислуваме како ќе му ја вратиме душата на Скопје. И што ќе правиме со илјадници тони гипс, но и бетон и железо?

Зашто, загадувачите, непријателите на зеленилото и на дрвјата (кои ги потсетуваат на она од што избегале, кога цврсто се заколнале дека никогаш нема да се вратат), оние исплашените од третите ешалони, се само маши во рацете на творците на монструозниот план за рекомпонирање и обезличување, сценарио што подразбира демонтирање на сé вредно и квалитетно, и замена на асолниот цврст, повеќевековен материјал, со шупливи – „куп ден помини“ - кулиси. Со фалсификати....

Не сценаристите не им чинеа нивните дедовци, па си посакаа татковците да им ги одгледале нечии туѓи, за да се перчат со титули... Не им беше доволно благородничка македонската историја, онаа вистинската, поробената, ама бунтовна, онаа селската и печалбарска, ама издржлива како пиреј... Ништо не им беше доволно, па со џебџиски манири – „бржа рука од ока“, како од ќерпич, закашкаа некаква нова, нивна варијанта, ексклузивци ниедни - низаедни, низ 23 векови директно растегнати, сé до Александар, кого го прекрстија во Воин и Букефал кого го прекрстија во Коњ.

Арчеа, ден по ден од нашата иднина, скусувајќи им го векот на нашите деца и внуци. Изградија панаѓур на чиј ролеркостер ја качија цела Македонија, да се вози, да вреска со затворени очи и да се моли на Христа и на Алах, да се најде некој нормален, да го исклучи копчето, да го запре стрмоглавувањето... 630 милиони евра фрлија во ветер, а око не им трепна за 600 илјади млади луѓе кои се развеаја низ светот, бегајќи од кошмарот. Осум години, секој ден го зголемуваа јавниот долг за по милион евра, градејќи бесполезна порта за сите екстатично-триумфални порази и утки во проценките (која исто така, види чудо, ја прекрстија во „Македонија“) на која единствено, родителите можат да си ги испраќаат деца кои усвит фаќаат за да се спасат...

Јас и луѓето со кои комуницирам, од се срце им се смеевме, ама тие, „упорити“ какви што се, си ја тераа суицидалната агенда, заглибувајќи нé се подлабоко во тињата, во живиот песок, во батакот на нивните хорор – идеи: за билдање на нов национален идентитет, за нова историја (која, нормално, започнува од нив, и подразбира бришење до сотрување, на сé она што ја создавало и одржувало младата држава седум и пол децении), за нова придавка за Македонија, која веќе не е ни богато-шарена како овошната салата, ни библиска и покрај десетиците нови скопски цркви, ни славјанска за жал, туку ете... Гипсано-полиестерско--барокна...

Јаз’к.

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: English