Демонстрантите блокираа мостови: Нашите барања ќе се исполнат!

Денес напладне демонстрантите од Шарената револуција блокираа три моста во центарот на Скопје. Со автомобили на чии регистрации е напишано „Шарена револуција“, половина час тие ги блокираа моствите „Гоце Делчев“, „Слобода“ (кај МНР) и „Мајка Тереза“ (кај МАНУ). Остануваат само уште два дена до 18-ти јуни, датумот до кој тие чекаат одговор од Уставниот суд  за уставноста на Специјалното јавно обвинителство.

Демонстрантите денеска со транспаренти, свирчиња и со песната „Bella Ciao“, скандираа да бидат исполнети нивните барања.

„Остануваат уште два дена да се одговори на нашите барања и да се тргне кон мирно разрешување на кризaта“, велат од Шарената револуција.

Иако Законот за Специјално Јавно обвинителство ниту на следната седница не е на дневниот ред, па не се очекува Уставниот суд да се изјасни за СЈО, како што побараа граѓаните, од Шарената револуција остануваат оптимисти.

„Знаеме дека во оваа држава сé е можно, така што не мора ништо да значи дека тоа што не е објавен дневниот ред за СЈО е пресудно. Ние ќе продолжиме да бидеме активни и во овој момент нема да одговорам што понатаму, бидејќи сме оптимисти дека макар и во последниот момент, ќе се исполнат барањата“, вели активист од Шарената револуција.

DSC_0396

Интересно е што и на овој протест имаше обид за провокација од амбулантно возило чиј возач се жалел дека наводно не може да помине поради блокадите, иако немало пациенти и на возилото веднаш му бил ослободен преминот.

Во изминатите денови демонстрантите организираа неколку герила-акции со кои го покажаа својот револт кон Уставниот суд. „Конечно, по најновата вест за напуштањето на бродот кој тоне од страна на Ставрески, потсетуваме дека не побаравме оставка на еден министер, туку оставка од целата актуелна влада на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ и формирање на преодна влада која докрај ќе ги спроведе итните реформски приоритети од извештајот на Прибе и ќе создаде услови за фер избори“, се вели на Фејсбук настанот со кој се највуваа блокадите.

К. Героски

 

Print Friendly, PDF & Email