Прес и симболичен строј на невработените полицајци пред МВР

Утре (петок) во 12 часот, пред Министерството за внатрешни работи ќе се одржи прес-конференција, со симболично постројување на над 300 несудени полициски службеници, дел од 660-те кандидати за полицајци кои успешно го завршиле едногодишниот курс во Центарот за обука на МВР во Идризово, кои веќе три месеци не добиваат решенија за работен однос. Претходно, во 11 часот, ќе биде доставено писменото барање на полицајците до Министерството за финансиии и до Владата, со кое се бара решение за проблемот што засегнува над 600 семејства.

„Денеска, пред вас стојат добро обучени полициски службеници од класата на 660 кандидати за полицајци, генерација 2015/2016 година, кои можат да помогнат и да придонесат за безбедноста и стабилноста на државата, но наместо тоа, седат дома. Не сакаме да бидеме жртви на ниеден политички систем и исклучуваме било каква поврзаност со политички партии. Ние само сакаме да им помогнеме на нашите колеги кои секојдневно се соочуваат со дефицит на работен кадар и се растргнати на сите страни. Бараме можност да се докажеме и покажеме, можност од која не дели само еден потпис на нашите договори за вработување, како и можност за стабилна егзистенција, имајќи предвид дека дел од нас веќе имаат формирано свои семејства“, се вели во пораката на завршените курсисти.

mvr-konkurs

По тримесечното чекање, невработените полицајци се надеваат дека МВР и властите ќе им излезат пресрет: „Сите ние сме деца на Македонија дозволете ни да ја чуваме и да се бориме за неа!“

Тие бараат, согласно законот, подзаконските акти и правилниците кои ја уредуваат оваа материја, во најкус можен рок да им се одговори и да им се даде конкретен датум кога ќе го започнат работен однос во МВР, и тврдат дека не бараат „ништо повеќе од тоа што ни следува и тоа за кое макотрпно, деноноќно се боревме и усовршувавме“.

Еден од координаторите на утрешната прес-конференција, Ѓорѓија Коларовски, за ЦИВИЛ Медиа изјави дека засега има пријавено околу 350 полицајци, кои  утре ќе побараат од МВР да ги вработи

„Бараме од МВР да си ја исполни задачата и да ги вработи 600 полицајци кои успешно го завршија курсот. Во конкурсот стои дека е загарантирано вработувањето. Ние утре ќе побараме од МВР да си ја исполни законската должност и да не вработи. Засега, не можам да кажам што ќе преземеме ако МВР не ги прифати нашите барања, бидејќи треба да се консултираме дополнително со колегите“, вели Коларовски.

Лидерот на Независниот синдикат на полицијата, Гоце Делчев Тодев, за ЦИВИЛ Медиа изјави дека и тој лично и синдикатот им даваат целосна поддршка на несудените колеги, кои утре ќе го изразат својот протест пред МВР.

11-470x246

Гоце Делчев Тодев, НСП

„Последната група курсисти, која се пријави на регуларно објавен конкурс, заврши едногодишен курс и доби сертификати, а со нив се фотографираа и тогашниот министер Оливер Спасов и претходникот, Митко Чавков, но тие сé до ден-денес, немаат решенија за вработување. Јавноста има погрешен впечаток дека во МВР се примаат стотици полицајци и дека има превработеност. Ви тврдам дека тоа не е точно и дека, само во мојата станица, по пензионирањето и заминувањето на колеги од службата, има недостаток од 50 проценти полицајци, според систематизацијата на работните места. Тоа и граѓаните мора да го знаат, мора да се излезе во јавноста со точни податоци за бројот на полицајците за средствата кои се неопходни за нивните плати, опремата, дообуките и професионалното унапредување, за да не се стекнуваат погрешни впечатоци“, дециден е Делчев Тодев.

Тој посочи дека „Независниот синдикат на полицијата, утре нема да биде пред МВР, оти само курсистите кои чекаат решенија за вработување ќе бидат таму, но НСП ги поддржува колегите и им помага во правното оформување на нивните оправдани барања, оти тие се жртви на политички игри! Таканаречениот лидер на Сојузот на синдикатите на Македонија, Живко Митревски, со приватно обезбедување се штити од вистинските синдикалци против чии интереси работи, а ССМ е душманот на работникот! Се прават разни манипулации. На 660-те завршени полициски курсисти, кои немаат добиено решенија, им се нудени пристапници за синдикат, па иако тие не можат да станат членови додека не се вработат, на 200 од 660-те курсисти, им се веќе дадени на потпис пристапници на Македонскиот полициски синдикат?! Политиката мора да остане вон полицијата!“, изјави Делчев Тодев за ЦИВИЛ Медиа.

Print Friendly, PDF & Email