СЈО: За лично богатење нанесена штета на буџетот од 862.000 евра!

Специјалното Јавно обвинителство денеска на прес-конференција ја претстави новата истрага под работен наслов „Трезор“, за сторен економски криминал . Предметот се однесува на злоупотреба средства на буџетот, кој како што истакна обвинителката Фатиме Фетаи е „на сите граѓан(к)и кои и ги доверуваат на Владата за обезбедување на подобра иднина“.

_DSC0121

„Со злоупотреба на службената положба и позиција со единствена цел имотна корист и лично богатење, направена е груба злоупотреба на буџетот. Постои основано сомнение дека три раководни лица од УБК и едно од МВР, прибавиле имотна корист за правно лице регистрано како ДТУ „Финзи“ ДООЕЛ , во вредност од 862.045 евра, со што е нанесена директна штета на буџетот“, изјави Фетаи.

_DSC0105

Доказите со кои располага СЈО,  упатуваат дека трите осомничени лица, со цел да набават електронска и комуникациска опрема за МВР и УБК, во 2010 година биле во Велика Британија, каде оствариле средба со претставници на правно лице, за набавка на опрема од тоа правно лице за потребите на Петата управа при УБК. Четвртото осомничено од МВР, лице било задолжено за техничките спецификации.

Но, наместо да се набави опремата директно од добавувачот од Британија, вклучена е фирмата „Финзи“ ДООЕЛ, каде тогашниот управител е во крвно сродство со третоосомничениот во истрагата.

Понатаму, во 2011 година изготвен е и  Анекс на првиот договорот од МВР, во што бил вклучен и  сведокот, а сега покојниот Коста Крпач, кој бил управител во „Финзи“ ДООЕЛ.

_DSC0143

Вториот дел од истрагата „Трезор“ се однесува на периодот од јули 2014-та година, до крајот на 2015-та, кога повторно со злоупотреба на службена положба, за наводно одржување на опрема која во МВР е фактурирана на 1 денар, а која како што истакна Фетаи, била застарена, со истечени лиценци и не одговарала на спецификациите наведени во договорот, месечно се плаќале по 30.000 евра.

„Парите, како и вистината, се како шило, секогаш излегуваат на површина! СЈО ќе направи сé, лицата против кои се води оваа истрага да седнат на обвинителна клупа и да ги вратат парите“, заврши Фетаи.

СЈО во текот на денешниот ден, за сите четири лица ќе побара мерки на претпазливост.

ЦИВИЛ – Центар за слобода продолжува да ја поддржува работата на СЈО и очекува дека и во наредниот период ќе продолжи со нови истраги што ќе помогнат во обелоденување на криминалот и во конечното враќање на владеењето на правото во државата.

Марија Теговска

Камера: Моника Талеска

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: Albanian