Жерновски: Правдата ќе ги стигне сите криминалци и насилници!

„Од денеска уште повеќе верувам дека правдата ќе ги стигне сите, и дека треба да одговараат  не само криминалците, туку и насилниците. Очигледен пример за такво нешто е Никола Груевски којшто исфрустиран од поразот во Општина Центар, од позиција на премиер, нарачува демолирање на општината, која е во рацете на опозицијата и нарачува шлаканици и физичка пресметка со мене. Тоа е една од најгрозните вистини за него, коишто ги дознаваме од прислушуваните материјали“, изјави денеска градоначалникот на Општина Центар, Андреј Жерновски, по тричасовниот распит во Специјалното јавно обвинителство

За време на распитот, како што истакна Жерновски, тој приложил „доказен материјал, фотографии од кои јасно се гледа дека оние што протестираа се заедно фотографирани и со Груевски и со Јанкуловска и со претседателот Иванов, но поминаа повеќе од три години, а Јавното обвинителство не смогна сили да отвори ваков предмет“.

Zernovski 2

Исказот се однесува на случувањата во јуни 2013-та година, кога беше демолирана општинската зграда. Напаѓачите врз Општина Центар протестираа против, како што тврдеа, обидите на градоначалникот Жерновски да ја спречи изградбата на црква на плоштадот. Насилните демонстрации завршија со демолирање на општинските простoрии.

„Јас навистина не знам каков боксер си бил ти, но дознав дека никогаш не си учествувал на некој боксерски меч. Затоа, бидејки повеќе од очигледно е дека наскоро ќе имаме прилика да се видиме во судница, и бидејки секогаш си праќал друг да учествува во боксерскиот ринг, наместо сам да учествуваш, ќе имаш можност да ми се спротиставиш, да видиме колку си храбар, бидејќи очигледно е дека немаме расчистени сметки“, рече Жерновски, обраќајќи му се на Груевски, кој во прислушуваните разговори објавени од опозицијата, дава наредба да се „врзат три-четири јаки шамари” на градоначалникот на Општина Центар.

dsc_0044-500x333

Денешниот распит на Жерновски, е почеток на, како што најави Специјалната Јавна обвинителка Катица Јанева, „зголемената фреквенција на луѓе во СЈО“.

„Согласно ЗКП, лицата кои се повикуваат, ќе бидат од корист со нивните сознанија за разјаснување на околности по повод сите постапки кои се отворени во овој период. Постапките се однесуваат на досега објавените и необјавени, неовластено прислушувани разговори. Заради тајноста на предистражната постапка, поконкретни детали нема да се откриваат“, се вели во соопштението кои вчера го објави СЈО.

dsc_0324

Претходно, како потврда за непоколебливоста на тимот на Јанева, и истрајноста во својата работа, портпаролката Ленче Ристоска, за австрискиот весник „Курир“ изјави: „Секој, кој го прекршил законот треба да одговара. Дури и ако тоа значи дека ќе го растресеме целиот политички систем“.

Во интервјуто со наслов „Македонските мускетарки“, помеѓу другото, Ристеска, вели: „мораме да го смениме рокот. Само Собранието може да го продолжи овој период, но оттаму нема знаци за такво нешто. Само за да ги преслушаме 20.000 тонски записи, врз чија основа истражуваме, ќе ни треба една ипол година. Работиме под огромен притисок на времето. Истовремено, често не блокираат локалните судови и власти, одбиваат да споделуваат документи или воопшто не соработуваат“, вели Ристеска, потенцирајќи ја потребата да продолжи со работа.

ЦИВИЛ - Центар за слобода, во континуитет ја поддржува работата на Специјалното Јавно обвинителство и заложбите на обвинителите за воспоставување на правна држава, и за владеење на правото. Зголемениот интензитет на активности и отворање на нови судски случаи, ЦИВИЛ го поздравува и изразува надеж дека на тој начин СЈО, и покрај сите опструкции во работењето, ќе успее да биде на висина на својата задача и да ја оправда довербата на илјадниците граѓан(к)и кои секојдневно протестираа, изразувајќи поддршка за работата на обвинителите.

ЦИВИЛ Медиа

 

Print Friendly, PDF & Email