Ќе ја ослободат ли медиумската сфера кадровските решенија во МТВ и во ад хок телото?

Во очекување на јавноста на новите кадровски решенија за главен уредник на МТВ и за членови на ад хок телото, како дел од реформите согласно со пржинскиот договор, еснафски организации, граѓански здруженија и искусни професионалци и експерти, гледаат со недоверба кон оваа времена политичка солуција во медиумската сфера

Здружението на новинари на Македонија не присуствуваше на консултативните средби во СДСМ во четвртокот, туку остана категорично на ставот, дека договорот на партиите за медиумите е обична политичка фарса и не обезбедува реформи. Според ЗНМ, во овој договор нема одржливи решенија, со кои ќе се ослободат медиумите од контрола на партиите. Напротив, договорот уште повеќе ќе го партизира медиумскиот систем.

„Агенцијата за медиуми и Македонската радио телевизија остануваат под контрола на владејачките партии. Ново е што можност да врши притисок врз овие институции добива и опозицијата. Место независно и професионално регулаторно тело и МРТ, сто дена пред избори ќе имаме институции, растргнати меѓу партиските интереси и влијанија“, сметаат од ЗНМ.

Според ова еснафско здружение апсурдно е и решението за МРТ, зашто, како што сметаат, партискиот уредник на власта, ќе се замени со партиски послушник од опозицијата. Со тоа, уште повеќе ќе се засили партискиот притисок врз МРТ, која место сервис на граѓаните, ќе биде заложник на партиските интереси.

10928989_707104132741392_4410217739010241663_n

Од Советот за етика во медиумите, потврдија дека учествувале на неформалната средба на покана на раководството на СДСМ. Оттаму порачуваат дека сите ставови на Советот, во поглед на медиумската нужност и на приоритетите се врамени во „блупринт документот“, и ако некој и сака добро на државата, треба и по тој ред  да се остваруваат реформите и демократизацијата на општеството.

„Тоа е онаа стандардна, позната приказна дека мора нешто да се смени и да се проветри  во медиумскиот простор, дека мора да се покаже еден поинаков пристап и мора да има реформи во медиумите. Тука сме сите согласни. Но, нашиот став како медиумска заедница е дека партиите не може да го прават тоа. Политика е едно, а партиска пропаганда - друго. Има кодекси, стандарди, но реално, политиката во оваа држава и поимањето на слободата во медиумите е нешто сосем друго“, вели Драган Антоновски, претседател на Советот за етика во медиумите.

Советот како што вели тој, и натаму ќе ги следи медиумите, ќе постапува по претставките, упатувани од граѓаните, организациите и  професионалците и нема да оди надвор од својата мисија, почитување на професионалните и етичките стандарди во работата на медиумите.

„Во однос на решенијата или кандидатите, кои ќе се согласат за овие позиции, моето лично мислење е дека, им е потребна поддршка, зашто, принципиелно никаде во светот - партија не предлага уредник, ама и никаде во светот партиска книшка не е поважна од магистратура и докторат, или успех во школувањето. Така што, тој пакет на криење зад стандарди кои во оваа држава одамна се згазени е показател за комоција или за страв и бегање од одговорност. Прашањето е дали сакаме да почнеме да ги менуваме  работите, или само ќе констатираме што е во и вон стандардите, и ќе стоиме настрана, чекајќи некој друг за нас, тоа да го сработи, а ние потоа ќе му наоѓаме маани“, оценува Антоновски.

13579829_1277308738963973_688484275_o

Тој смета дека мора да ја надминеме позицијата на самоконстатирање на проблемите, броење на стандардите и конечно да се види што може да се направи, за да почне процесот на менување, вреднување и прогрес.

Според информациите, на средбата и претставниците на СДСМ се согласиле дека ова не се воопшто реформи, туку дека е направено толку - колку што се дозволило од сите четири партии и од олеснувачите од САД и ЕУ. СДСМ ветил пред медиумските работници на консултативната средба дека по изборите, за 5 месеци ќе ги направи, изгласа и спроведе медиумските реформи предложени од еснафот во „блупринтот“.

И од Самостојниот синдикат на новинари на Македонија (ССНМ) потврдуваат дека и по оваа средба, остануваат на ставот за суштински реформи во медиумската сфера и дека не сметаат оти временото решение што го договорија партиите има потенцијал  сериозно да ги помести работите.

„Свесни сме дека станува збор за решение замислено и договорено меѓу партиите. Ставот на ССНМ е дека партиите  треба да ја носат и одговорноста и последиците, односно ефектите од неговото спроведување. Од СДСМ беше кажано дека последниот Договор од Пржино, вклучува и обврска за исполнување на забелешките на Прибе, во рок од 6 месеци по изборите“, вели Тамара Чаусидис за ЦИВИЛ Медиа.

Таа предвидува дека ова решение за медиумите, во старт може да го следат и многу опструкции.

dsc_0899-470x246

„На пример, ад хок телото составено од партиски назначени луѓе може да се сведе на преговарање и надгласување за етички стандарди, што е сосема неприфатливо и контрапродуктивно. Позицијата на главниот уредник е, исто така, многу ограничена, така што навистина овие замисли повеќе навестуваат проблеми, отколку решенија. Но, повторувам, ова е резултат на партиски компромис и доколку има позитивни или негативни поместувања, заслугата и одговорноста е на оние што го потпишаа“, потенцира Чаусидис.

Експертите од МИМ и Високата школа за новинарство се децидни дека само понудените решенија и мерки во „блупринтот“ се излез за ситуацијата во медиумската сфера во Македонија. Овие понудени преодни решенија на париите, нема да овозможат процес на објективно и професионално информирање на јавноста.

„Ад хок телото не е решение за медиумската ситуација пред избори и не може да го реши проблемот на партизираната Агенција за медиуми. Во ‘блупринт’, Програмата за итни демократски реформи, во поглавјето за медиуми, предлагаме минимум мерки пред избори, за да се ослободи јавната сфера од политичките влијанија. Без департизација на Агенцијата за аудио и аудио визуелни медиуми и без департизација на органите на јавниот сервис, без целосна забрана на државното рекламирање, како мал дел мерки, не може да се постигнат очекуваните и посакувани, неопходни промени во медиумската сфера во државата, која што во моментов е под контрола на власта“, оценува професор д-р Снежана Трпевска, експерт на МИМ и на Високата новинарска школа.

dogovor

Но, без оглед на ставовите на еснафските организации, граѓанските здруженија и на експертската јавност, сепак, до 19 август, четирите партии врз основа на предлозите од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ ќе ги изберат четворицата членови на ад хок телото, водејќи сметка притоа, еден член да биде од албанска националност. Откако ќе се постигне согласност, на нивен предлог, директорот на Агенцијата за аудиовизуелни медиуми, ќе го именува петтиот член, претседателот на таа Привремена комисија, која има обврска да ја мониторира медиумската сфера.

Наскоро, СДСМ ќе го избере кандидатот за позицијата, главен уредник во МТВ која што очигледно е многу атрактивна и во оваа ситуација, зашто на конкурсот се јавиле и биле предложени не дваесетина, туку вкупно, 38 кандидати.

Сепак, одговорноста од успехот на реформите во медиумите во предизборниот период, се адресира на партиите-потписнички на Договорот. Но, тоа ни малку не ги амнестира од одговорност ниту главните имплементатори на медиумските реформи, главниот уредник и членовите на ад хок телото. Тие ќе ја понесат најголемата одговорност да го вратат новинарството на европските стандарди, со што ќе ја пласираат објективната вистина за општествено-политичката и економска реалност во Македонија, која една деценија е заробена од провладините медиумски куќи.

Моника Талеска

Print Friendly, PDF & Email