Избирачкиот список повторно објавен со старите фантоми

Непосредно по повторното објавување на сајтот на Избирачкиот список на ДИК, каде повторно може да се прелистува според живеалиште, односно, според адреса на живеење, во ЦИВИЛ – Центар за слобода повторно пристигнаа пријави, кои зборуваат за недоследности во Избирачкиот список. Тоа што најмногу ги загрижува граѓанките и граѓаните кои се обратија во ЦИВИЛ, е што грешките кои биле пријавени по првото објавување на Избирачкиот список, не се отстранети.

“Проверувајќи го Избирачкиот список, не пронајдов фантоми во моето семејство, но затоа пронајдов фантоми од моето семејство. Мојот братучед кој живее во Хрватска од 2003 година и не доаѓа да гласа, постои во списокот и на адресата каде живееше првите 25 години од својот живот, пред да се пресели, во Скопје, и на адресата во Скопје, Општина Кисела Вода, каде живееше до заминувањето од Македонија, заедно со петочленото семејство кое исто така е иселено. Мојот друг братучед, кој живее во Нов Зеланд од 1999 година, исто така, се води на две адреси. И на адресата на која живеел првите 35 години, и на втората адреса во Скопје, Општина Центар, каде живееше до 1999 година. Единствено не знам дали 'гласале' на претходните избори, но дека Избирачкиот список треба да се прегледа, тоа е сигурно”, детално објаснува загрижен граѓанин од Скопје.

“Списокот беше отворен и претходно, и овој список е повторно истиот, нема никакви корекции. Тогаш пријавив преку нивната страна, затоа што постоеше таква опција, но очигледно, никој не презеде ништо. На мојата улица има повеќе од 20 гласачи, кои се иселени или починати, а се уште се дел од списокот на гласачи. Што понатаму?”, стои во пријавата која пристигна во ЦИВИЛ.

Untitled

“Во Кавадарци на ул. „Блажо Тодоровски„ избирачко место 0678 постои личност на адреса која воопшто не постои. Бројот 0000 не постои на нашата улица. Јас 50 години живеам на таа улица и никогаш немало број 0000 ниту постои лицето Шитова Садије”, се вели во друга пријава.

И покрај теренската проверка, се уште фантомски гласач е лицето Б.С. кое според Избирачки список, се води на ул. „Чаирска“ во општина Чаир, адреса на која никогаш не живеел.

Фантомски гласачи и покрај пријавувањето до ДИК, има и на адреса на еден член од тимот на ЦИВИЛ Медиа.

ЦИВИЛ – Центар за слобода ги повикува граѓанките и граѓаните да продолжат да ги пријавуваат неправилностите кои ќе сретнат во списокот на гласачи. Пријавите за фантомски гласачи, како и за други проблеми и нерегуларности, може да се испраќаат на [email protected] или на телефоните 02/520 9176 или 075/565 830. ЦИВИЛ го набљудува изборниот процес преку своите проекти „Напред!“„Слободни избори за слободни граѓанки и граѓани“ и “Граѓански објектив“.

М. Т.

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: Albanian