ЦИВИЛ започнува нова серија интервјуа со министри

ЦИВИЛ - Центар за слобода, во текот на февруари ја спроведува втората серија на интервјуа со министрите во Владата на Република Македонија. Во првата серија, во декември минатата година, ЦИВИЛ Медиа реализираше две интервјуа со министрите за внатрешни работи и за труд и социјална политика, Оливер Спасовски и Фросина Ташевска – Ременски, кои позитивно одговорија на нашето барање. Со министерот за надворешни работи Никола Попоски и со министерот за правда Аднан Јашари, не успеавме да договориме средба. И покрај сите наши заложби, министерот Јашари не најде слободно време да не смести во агендата, а до министерот Попоски не успеавме ни да ги доставиме прашањата.

За реализација на новата серија интервјуа, ги исконтактиравме повторно министрите Спасовски и Ташевска-Ременски, а овој пат, стапивме во контакт со нови двајца министри од владејачката коалиција, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Михаил Цветков, и заменикот претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Фатмир Бесими.

Прва на нашата покана се одзва министерката Ташевска-Ременски, со која почна втората серија интервјуа, а ЦИВИЛ Медиа очекува позитивен одговор и од останатите тројца министри.

Целта на серијата интервјуа е да се следи работата во предизборниот процес, залагањата на министрите во сферата во која работат, со цел – обезбедување на фер и демократски избори. За на крајот, читателите да проценат што од планираното, министрите успеале да реализираат, и како тоа се рефлектирало врз изборите.

 

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: Albanian