ЦИВИЛ во бескомпромисна битка за слобода и демократија

Во изминатиот период, демократијата во Македонија (демократија стекната и наследена од 1944, а обновена во 1991 година), континуирано се соочуваше со низа сериозни проблеми, кои во 2015 година конечно резултираа со поставена и утврдена опасна дијагноза за една (не)развиена демократска држава - најсериозна политичка криза од 2001 година.

By: Sandra Gavrilovska

Пишува: Сандра Гавриловска

Дефинираната (во Извештајот на Европската комисија за Република Македонија за 2015 година) најсериозна политичка криза на државата од 2001 година, иницирана од скандалот со големиот број прислушувани разговори од страна на актуелната власт, односно, иницирана од опозициското објавување на пресретнатите комуникации кои вклучуваат високи државни функционери, меѓу другото, сугерираше кршење на основните човекови права, мешање во независноста на судството, загрозување на слободата на медиумите и изборите, како и постоење на добро развиени мрежи на корупција.

 

1. Дијагноза

Фрагилната македонска демократија и автократското владеење кое трае речиси една деценија, сериозно ја загрози и дестабилизира политичката состојба и состојбата на човековите  права и слободи во Република Македонија, особено во периодот на локалните избори во 2013 година, за време на претседателските и предвремените парламентарни избори во 2014 година, како и за време на политичките преговори во 2015 година и актуелната политичка криза.

Меѓу многуте детектирани проблеми, кои несомнено влијаеа на македонскиот демократски амбиент и истиот го деформираа до степен на искривена, односно, извитоперена реалност или илузија, особено беа:

- партиското (наместо политичко) владеење, во сите сфери на општественото живеење и делување;

- партиската, односно партизираната (наместо јавна) администрација;

- корумпираното (наместо независно) судство;

- изборните манипулации и нерегуларности (наместо фер и демокрaтски изборни процеси);

- повредата и злоупотребата (наместо почитување) на човековите права и слободи;

- кршењето (наместо примена) на законите;

- владеењето на репресијата (наместо владеење на правото);

- строго контролираното (наместо слободно, независно и објективно) медиумско информирање.

Дополнителен придонес за ослабување на и онака слабата и анемична демократија, имаше домино-ефектот на прислушуваните разговори, кои ја навестија „македонската пролет“ во 2015 година и ја разбудија македонската свест, а тоа беа протестите на студентите, на хонорарците, на средношколците, на новинарите, на граѓаните..., протестите за правда, демократија и слобода, протестите против полициската бруталност, протестите за чист воздух... Или, сите со едно име - протести против актуелната власт.

pendrek

Зимска демократска пролет во Македонија

2. Терапија

Идејата и неопходната потреба за излез од настанатата политичка криза, предизвикана, пред сѐ, од лошото владеење на актуелната власт и нејзиното несовесно и недомаќинско менаџирање со државата, доведе до ситуација - меѓународната заедница да ги натера лидерите на четирите најголеми македонски политички партии да седнат на преговарачка маса, и по долги и тешки преговори, да го склучат Договорот од Пржино. Договорот се однесува на прашања од кои зависеше, и сѐ уште зависи, судбината и опстанокот на Македонија. Секако, со претпоставена и очекувана намера на потписниците на Договорот, за негово целосно исполнување и реализација.

Во правна смисла, Договорот од Пржино значи облигационен (обврзувачки) однос во кој учесниците се, односно се подразбира дека би требало да бидат - рамноправни, совесни и чесни, и истите (како претставници на граѓаните) да имаат заеднички интерес да го исполнат договореното, исклучиво во интерес на граѓаните на Македонија.

#freedom4kezarovski Zoran Dimitrovski

Борба за слобода на изразување

Исто така, од правен аспект, Договорот од Пржино имаше, и сѐ уште има, цел да ги врати изгубените демократски вредности во Македонија, да овозможи владеење на правото, правда и правичност, почитување на законите и почитување на основните човекови слободи и права, независно и објективно медиумско информирање и, конечно, фер и слободни избори, загарантирани со Уставот и законите.

Тоа (целта на Договорот) подразбира квалитетни и навремени промени на изборниот модел, избирачкиот список, изборното законодавство, законско и транспарентно работење на политичките партии, државните органи и институции (обични и специјални), индивидуална и колективна одговорност, слобода на медиумите... Со единствена цел: создавање услови за одржување предвремени парламентарни избори, како и ослободување на сите институции и граѓани од притисоците и контролата (читај: стегите) на власта.

Во тој правен контекст, како (по)битни предуслови за одржување на фер и демократски избори, се:

- реформи на изборниот модел, кој треба да овозможи плурализација на политичката сцена, зголемување на политичката и морална одговорност на народните избраници/пратеници, како и воспоставување на внатрепартиска демократија. Овој модел, согласно препораките на Венецијанската комисија, не смее да претрпува суштински измени во последните шест месеци пред одржување на изборите;

- измени и усогласувања на Избирачкиот список, согласно ажурираните податоци за граѓаните, од матичните книги, евиденцијата за живеалиште, евиденцијата за државјанство и други службени евиденции, добиени од надлежните органи;

- измени и дополнувања на Изборниот законик со одредби за привремено запишување гласачи надвор од местото на престојување во Избирачкиот список, со што би се избегнала потребата од активна регистрација на гласачите;

- законско и транспарентно финансирање на изборите, односно на изборната кампања, особено без средства од Буџетот на РМ, без средства од буџетите на општините и Град Скопје, како и без средства од јавни претпријатија и установи;

- јавни и транспарентни извештаи на радиодифузерите и печатените медиуми, за рекламниот простор искористен од секој од учесниците во изборната кампања и средствата кои се платени или се побаруваат по таа основа.

Без корекции на изборното законодавство, а потоа и без негово целосно почитување и правилна примена, нема и не може да се очекува исполнување на Пржинскиот договор, ниту пак, враќање на демократијата и слободата во Македонија.

Оттука, останува неизвесно, а веројатно и невозможно одржувањето на слободни предвремени парламентарни избори.

pustec - Copy

Пустец во Скопје

3. Придонесот на ЦИВИЛ

Меѓу другите релевантни фактори, и ЦИВИЛ - Центар за слобода,  во изминатите осум години, постојано и трпеливо, укажуваше на непостоење на политички дијалог, ниско ниво на политичка култура и неможност да се постигне согласност за битни прашања од интерес за демократијата и правата и слободите на граѓаните.

Низ многубројните активности, истражувања, анализи и препораки, ЦИВИЛ - Центар за слобода зборуваше (на јазик разбирлив за сите) за:

- грубо кршење на основните и уставно загарантираните човекови права и слободи (особено за слободата на изразување, социјалната правда и гласачкото право);

- дискриминација на етничка и верска основа;

- структурно насилство;

- дискриминација според политичката афилијација;

- функционирање на јавните/државните институции исклучиво во интерес и за потребите на власта и владеачката партија;

- криминални злоупотреби на власта;

- медиумска корумпираност и нетранспарентност;

- ерозивен изборен процес...

Изразено со јазикот на ЦИВИЛ: „Само слободни избори се шанса да се врати владеењето на правото“, „Европа бара оставка од Груевски и обезбедување фер избори“, „Случаи на жесток политички притисок“, „Притисок врз наставниот кадар“, „Решителна пресметка со политичката корупција“, „Груевски продолжува со злоупотребите“, „ВМРО-ДПМНЕ ја присвојува историјата“, „Македонија страв и надеж“, „Дисквалификувана демократија“, „Бескрупулозна борба за власт“,„Криминалци не смеат да владеат со Македонија“, „Македонија не може да си дозволи изборна кражба“...

Во своите бројни и детални констатации и ставови, изнесени пред домашната и меѓународната јавност, пред бројни домашни и меѓународни институции и организации, ЦИВИЛ - Центар за слобода во континуитет ги констатира и обелоденува актуелните состојби и проблеми во државата, и тоа во многу сегменти од општественото живеење, притоа изнаоѓајќи и предлагајќи модули за јакнење на свеста на граѓаните, како важен предуслов за надминување на  проблемите и општествените девијации.

Во рамките на својата работа, ЦИВИЛ - Центар за слобода ги поддржува сите индивидуални и/или колективни акции и процеси и со јавноста ги споделува своите експертизи и препораки за заштита и почитување на човековите права и слободи, владеење на правото и правната сигурност, зголемување на степенот на меѓуетничка толеранција, политичкиот дијалог, етичкото однесување, стабилноста и демократијата.

Работата на ЦИВИЛ - Центар за слобода, по својата суштина, секогаш била и ќе биде, со единствен интерес и цел: слобода и демократија, што подразбира бескомпромисна битка за почитување на човековите права и слободи, што подразбира слободни избори и ништо помалку од тоа.

 


FEFC logo MK - CЕкспертскиот тим на ЦИВИЛ – Центар за слобода во состав на своите редовни активности, подготви нови, опширни правно-политички анализи за политичките состојби, за кризата и за изборниот процес во Република Македонија. Сандра Гавриловска, како дел од експертскиот тим на ЦИВИЛ го подготви овој аналитички текст врз основа на активностите на ЦИВИЛ во текот на 2015 и почетокот на 2016 година. 
Врз основа на овие анализи, како и експертските анализи и препораки на ЦИВИЛ во изминатиот период, организацијата ќе се обиде да го даде својот придонес кон создавање услови за одржување слободни избори и надминување на политичката криза во Република Македонија.
Анализите и препораките кои ЦИВИЛ ги подготви во овој период се дел од активностите на проектот „Слободни избори за слободни граѓанки и граѓани“, поддржан од Министерство за надворешни работи на Сојузна Република Германија.
Print Friendly, PDF & Email