ЦИВИЛ ПОДГОТВЕН ЗА НАБЉУДУВАЊЕ НА РЕФЕРЕНДУМОТ ЗА ГТЦ

Прес конференцијата на ЦИВИЛ: утре (петок), 24 април, на ул. Македонија, кај споменикот на Мајка Тереза, во 11 часот.

Со учество на речиси две третини од составот на набљудувачите на Референдумот за ГТЦ, се одржа семинар за обука и координација. Спроведувањето на Референдумот за ГТЦ ќе го следат 79 акредитирани набљудувачи на Цивил. Свои претставници во набљудувачката екипа имаат и организациите Плоштад Слобода, Коалиција „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“ и други организации и иницијативи.

Освен основните информации за референдумот, на семинарот се презентираа најчестите облици на повреда на гласачкото право и нерегуларностите, гласачкото право, како и методологија и техники на набљудување.

Во рамките на проектот Моето гласачко право, Цивил започна со долгорочно набљудување на состојбата на гласачкото право и човековите права воопшто во целата земја. Резултатите од тоа набљудување, како и истражувањата и анализите, беа објавени на 31 март годинава.

Екипите на Цивил продолжуваат со работа во оваа сфера, а во Скопје се фокусираат токму на претстојниот Референдум, прв од овој вид во историјата на независна Македонија. Проектниот тим го засилија големиот број набљудувачи – волонтери кои имаат искуство во набљудување на изборни процеси. Ним ќе им се придружат уште волонтери и активисти на Цивил и други организации кои ќе распоредат надворешни набљудувачи низ општина Центар на денот на референдумот.

Цивил ќе упати повик за волонтери – надворешни набљудувачи чиј број нема да биде ограничен. Воедно, Цивил ќе повика и на будност и мобилност на сите граѓанки и граѓани да помогнат за демократско спроведување на референдумот и слободно изразување на волјата на гласачите на општина Центар.

Забележливо е непознавањето на правата на граѓанките и граѓаните во поглед на учество во референдумско изјаснување. Исто така, веќе постојат повеќе информации и извештаи за начинот на спроведување на референдумот, како и активностите на политичките субјекти засегнати со оваа демократска постапка.

ЦИВИЛ ги поканува медиумите и заинтересираните граѓанки и граѓани на прес конференцијата утре (петок), 24 април, на ул. Македонија, кај споменикот на Мајка Тереза, со почеток во 11 часот.

Print Friendly, PDF & Email