ЦИВИЛ бара институциите и политичките партии да престанат со злоупотребите и притисоците

ЦИВИЛ - Центар за слобода објави периодичен извештај од набљудувањето на изборниот процес. Извештајот претставува сублимат врз основа на кратка селекција од извештаите на долгорочните набљудувачи на ЦИВИЛ, од пријавите на онлајн формуларот на веб страницата Слободни Избори и од граѓанските новинарки и новинари

civil-press-sec-2

Џабир Дерала, ЦИВИЛ, го презентира извештајот од изборното набљудување на прес- конференција пред ДИК, 10 ноември 2016

Државна изборна комисија и Избирачкиот список

Граѓанките и граѓаните на Република Македонија имаат право да знаат што се случува со нивните пари кои се дадени на располагање на Државната изборна комисија и на сите други институции и политичките партии во земјата.

Наместо тоа, нотираме целосно отсуство на транспарентност во процесите кои во овој момент се приближуваат кон својата завршница, во пресрет на изборите, закажани за само еден месец од денеска.

Ревизијата на Избирачкиот список не дава резултати. Во над 200 случаи на фантомски гласачи доставени до ЦИВИЛ во текот на пролетните месеци оваа година, нотираме дека само два случаи се решени, односно, податоците се коригирани. Два од двесте!

Но, уште позагрижувачки се случаите кога фантомските гласачи се тргнати од одредени адреси, за потоа, на истите адреси да се појават сосема нови гласачи. Овие случаи се пријавени во ЦИВИЛ, откако засегнатите граѓанки и граѓани поднеле претставки до ДИК и до матичните служби. Тие, исто така, јавуваат дека биле третирани како пинг-понг топчиња меѓу институциите.

Посебен случај се иселениците кои сѐ уште фигурираат во Избирачкиот список, а живеат во странство повеќе од 20 години. И покрај тоа што дознаваме дека постојат пријави и претставки за одреден број иселени лица за бришење од списокот, односно нивно ставање во посебен список, нивните имиња сѐ уште се на Избирачкиот список, но не во посебниот список со иселени лица. Исто така, граѓанките и граѓаните се жалат дека процедурата е нејасна, а повратните податоци за статусот на нивните пријави изостануваат или се штури.

Една членка на набљудувачкиот тим на ЦИВИЛ направи детално истражување за процедурите што ги овозможува ДИК за учество на граѓанките и граѓаните во ревизија на Избирачкиот список, кое во моментов е на проверка кај правниот тим на организацијата, по што истражувањето ќе го објавиме.

Во овој контекст, сакаме да истакнеме дека ДИК и другите надлежни институции треба да бидат свесни дека во моментов и премногу се потпираат на помошта од граѓанките и граѓаните на нашата земја, а за возврат, не нудат ни минимум транспарентност и квалитет на услугите. Напротив, нивните примања се фантастични, а патните трошоци за кои имаат побарувања од буџетот на ДИК се како да живеат на некоја од соседните планети.

ЦИВИЛ констатира дека процедурите и ингеренциите во овој процес често се менуваат и не се доволно јасни. Без оглед на динамичната кампања за информирање на јавноста и љубезноста на персоналот на ДИК и на други институции кои се обидуваат да објаснат кои се правата на граѓанките и граѓаните во процесот на ревизија на Избирачкиот список, многу прашања остануваат неодговорени, а граѓанките и граѓаните талкаат низ лавиринтите на неефикасните институции и нивните подрачни единици.

Нашите мониторинг тимови и истражувачи дојдоа до голем број случаи во кои напуштени куќи, урнатини, па и непостоечки објекти се дом на фантомските гласачи. Сторијата која доаѓа од Прилеп за гласачи регистрирани на адреса на напуштена куќа и случајот со паркингот во Тетово се само илустрација за состојби кои се забележуваат низ целата земја.

Јавноста треба да знае каде се сместени сега десетици жители на Пустец кои претходно беа откриени на адреса на улицата „Максим Горки“ во центарот на Скопје. На кои адреси се гласачите во многу други вакви случаи? Сакаме да знаеме и имаме право да знаеме, а институциите имаат обврска да одговорат!

Понатаму, до ЦИВИЛ дојдоа пријави за двојни адреси на исто живеалиште, со различни станари, од кои едни реално постојат, а други не. Што се случува?

HBS banner and logos - Copy

Лого на проектот „Ветувања и злоупотреби“ преку кој се спроведе истражување за злоупотребата на социјалната правда за изборни цели

Злоупотреба на сиромашните за изборни цели

ЦИВИЛ и досега излезе со повеќе информации и соопштенија кои се однесуваат на ужасната злоупотреба на социјално ранливите категории на граѓанки и граѓани, притисоци и манипулации со сиромашните и со социјалните случаи, со злоупотреби на сите категории од областа на социјалната правда за изборни цели.

Анализата на ЦИВИЛ под наслов „Нокаутирана демократија“ говори за тешки злоупотреби на социјалната правда врз основа на теренската работа на бројните мониторинг тимови кои ги набљудуваат состојбите во земјата од потпишувањето на првиот Договор за надминување на политичката криза во јуни 2015 година.

Pen in boots

Притисоци, уцени и закани

ЦИВИЛ нотира стотици случаи на притисоци, уцени и закани врз граѓанките и граѓаните низ целата земја. Без оглед на формалните напредоци во спроведувањето на политичкиот договор меѓу водечката партиска четворка, забележливо е тоа дека кршењето на човековите права и слободи во изборен контекст, структурното насилство и политичката дискриминација продолжија со речиси истото темпо.

 

Нема напредок во медиумската сфера

ЦИВИЛ не забележува суштински напредок во медиумската сфера. Продолжуваат говорот на омраза, повиците на егзекуција на бранителите на човековите права и валканата кампања која се спроведува преку одредени медиуми и медиумски експонирани апологети на власта. ЦИВИЛ нотира говор на омраза и од одредени интернет изданија блиски до опозицијата.

 

Опструкции од Кривичниот суд

Загрижувачко е и однесувањето на Кривичниот суд во Скопје кој одеднаш има проблем да им издаде навремени потврди за неосудуваност на изборните кандидати на Либералната партија и на СДСМ. Бараме одговорност за оние што ги прават овие опструкции и ги повикуваме совесните административци да споделат со нас факти за злоупотребите на администрацијата во овој процес. Им гарантираме потполна анонимност на оние што ќе пријават случаи на злоупотреби и притисоци во администрацијата.

ballot box - bars - C

Злоупотреба на јавните ресурси и заштита на личните податоци

Злоупотребата на јавните ресурси е нотирана во голем број случаи низ целата земја. Во последниот случај, со превозот на учесничките на собирот на Унијата на жените на владејачката партија со автобуси на ЈСП Скопје, се нотира молкот на јавното претпријатие за тоа кој и дали платил за таа услуга. Исто така, употребата на службените возила за партиски цели е евидентна и мора да престане.

Бараме од институциите да го почитуваат Законот за заштита на личните податоци и да не ги споделуваат со партиските штабови. До ЦИВИЛ стасаа пријави од кои станува очигледно дека приватните податоци на граѓанките и граѓаните се злоупотребени и се користат за партиски анкети, пропаганда и притисоци.

Во еден случај, како илустрација, бележиме дека една граѓанка чиј број на мобилен телефон гласи на име на друг член на семејството, прима повици од партиски штаб при што ѝ се обраќаат со нејзиното име и презиме. Тој телефонски број граѓанката го пријавила како контакт во една здравствена установа и една банка. Оттука, произлегува дека еден од овие ентитети го отстапил овој личен контакт за потребите на политичката партија.

 

Злоупотреба на малолетниците

Во основните и средните училиштата ширум Македонија, се забележува силен притисок врз малолетниците и условување на нивните родители врз грбот на децата. Оваа пракса мора да престане веднаш, а одговорните за ваквото криминално однесување кон децата и младите да бидат повикани на одговорност. Малолетниците мора да бидат заштитени од оваа валкана политичка контаминација!

 

Корупција и нетранспарентност на институциите и политичките партии

Ја алармираме јавноста и бараме да престанат коруптивните практики и нетранспарентноста на институциите, особено во поглед на финансирањето на политичките партии. Јавноста има право да знае како се финансираат политичките партии, со колку средства располагаат за кампања, од каде се тие средства и како се трошат! На 19 јули, ЦИВИЛ испрати писмо до 70 политички партии со барање да дадат основни податоци за финансирањето на партиите и за нивните планови за финансирање на нивните политички активности и изборната кампања. До овој момент, само пет политички партии одговорија на ова барање: Левица, Либерална партија на Македонија (ЛПМ), Движење за обнова на Македонија (ДОМ), Народно движење на Македонија (НДМ) и Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ).

ЦИВИЛ ќе упати уште едно барање за финансирањето на изборната кампања на политичките партии. Ќе ги употребиме сите правни механизми да ги принудиме политичките партии на отчет.

civil-press-sec-4

Прес конференција на ЦИВИЛ, пред седиштето на ДИК, 10 ноември 2016

Ова не е сѐ. ЦИВИЛ располага со огромен материјал кој досега е прибран од извештаите на долгорочните и мобилните набљудувачи, од пријавите на граѓанките и граѓаните, како и од граѓанските новинарки и новинари низа целата земја. Ја користиме оваа прилика, да им заблагодариме на сите за поддршката и довербата која ни ја укажуваат постојано и насекаде.

 

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: Albanian English