Заедно против хомофобијата и трансфобијата

Со интонирање на македонската химна среде градскиот парк во Скопје беше означен стартот на одбележувањето на Меѓународниот ден на борбата против хомофобијата и трансфобијата (IDAHO) кој годинава се прославува во преку 120 земји, правејќи го досега најголемата мобилизација на ЛГБТИ движењето во светот. Водителот на настанот, Петар Стојковиќ уште на самото отварање ги повика присутните на солидарност со настраданите од поплавите во Србија и БиХ преку донирање парични средства во кутијата којашто беше поставена за таа намена, како и со јавување на телефонскиот број 143 400 од сите национални мобилни оператори.

Меѓународниот ден против хомофобијата и трансфобијата се одбележува секоја година на 17-ти мај, што впрочем е денот кога хомосексуалноста беше отстранета од листата на болести и здравствени проблеми на Светската здравствена организација. Оваа година Меѓународниот ден против хомофобијата и трансфобијата ЛГБТИ активистите во Република Македонија го посветија на нужноста од заштита од дискриминација врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет.

Основна политичка потреба и барање на ЛГБТИ заедницата во Македонија е заштита од дискриминација и насилство. Во моментот Законот за спречување и заштита од дискриминација во членот 3, каде се дефинирани основите на дискриминација, не ги содржи сексуалната ориентација и родовиот идентитет и истиот не обезбедува ефикасна и ефективна заштита од дискриминација на ЛГБТИ заедницата.

Четири години по донесувањето на Законот за спречување и заштита од дискриминација, потребата од негова измена и дополнување е сѐ поочигледна, посебно поради фактот што ЛГБТИ заедницата е постојано жртва на хомофобичен и трансфобичен говор на омраза, семејно насилство, непостоење/одбивање на здравствени услуги, физичко и вербално насилство во јавниот простор, и уште поважно, непостапување или изземање од надлежност од страна на релевантните институции во случаи на евидентирана дискриминација.

Токму затоа овој IDAHO е посветен на барањето сексуалната ориентација и родовиот идентитет да се внесат во Законот за спречување и заштита од дискриминација, што претставува прв чекор во борбата за човековите права на ЛГБТИ заедницата.

„Иницијативата член 3 за промени на Законот за спречување и заштита од дискриминација е иницијатива која повикува на поддршка и солидарност со ЛГБТИ заедницата, бидејќи прашањето за човековите права на лезбејките, геј мажите, бисексуалците, транс и интерсекс лицата е прашање за демократија, лични слободи и правда. ЛГБТИ заедницата денес ужива поддршка и солидарност како никогаш до сега. Имаме фронт од многу организации, неформални групи и индивидуалци кои застанаа зад иницијативата за промена на член 3 и кои се вклучија во Националната мрежа за борба против хомофобијата и трансфобијата.“, изјави водителот на настанот, Петар Стојковиќ.

ЛГБТИ организациите денес за прв пат организирано и јавно го одбележаа Меѓународниот ден против хомофобијата и трансфобијата благодарение на поддршката и солидарноста на сите граѓани. Организаторите на настанот изразија огромна благодарност на поединци и организации кои со нивното дејствување дале придонес во подигнувањето на јавната свест за човековите права на ЛГБТИ заедницата и потребата од борба против хомофобијата и трансфобијата. Претседателот на Цивил - Центар за слобода, Џабир Дерала и граѓанската активистка Катерина Маневска Христовска од истата организација беа едни од оние на кои им беа врачени благодарници од страна на Националната мрежа за борба против хомофобијата и трансфобијата. Помеѓу останатите кои добија благодарници се најдоа граѓанската иницијатива „8-ми септември“, Нора Шаќири, Борјан Јовановски, Искра Гешовска, Јасна Котеска, Петрит Сарачини, Билјана Ванковска и други.

Граѓаните кои беа на присутни имаа прилика да потпишуваат картички кои ќе бидат испратени до пратениците во Собранието со барање да иницираат измени и дополнувања на член 3 од законот за спречување и заштита од дискриминација. Забавниот дел на настанот се состоеше во тричасовен DJ сет, а за музиката се погрижија Мирко Попов, Соња Исмаил и Зоки Бејбе кои се познати на јавноста како поддржувачи на борбата за правата на ЛГБТИ заедницата.

Print Friendly, PDF & Email