Фото: Роберт Атанасовски

За патриотизмот наспроти национализмот – јавно, јасно и гласно

ЦИВИЛ – Центар за слобода организира јавен настан на тема „Патриотизам – ДА, национализам – НЕ!“ во хотел Сити Парк, петок, 14 септември, со почеток во 12 часот.

Фото: Роберт Атанасовски

Фото: Роберт Атанасовски

Во овој извонредно важен и деликатен момент за земјата кога сме поставени пред предизвикот на големата одлука, време кога национализмот, говорот на омразата и тензиите повторно го потресуваат општеството, ЦИВИЛ повикува на дискусија за клучните прашања поврзани со актуелните состојби. На овие прашања се обидовме да дадеме одговор преку колумни, интервјуа и анкети во изминатите 11 недели, што ги објавувавме на медиумската платформа на организацијата, а беа преземени од низа медиуми во земјата.

Дел од авторките и авторите ќе бидат со нас на овој настан да ги споделат своите мисли со јавноста уште еднаш, заедно со претставниците на граѓанското општество и медиумите, како и сите други заинтересирани да бидат дел од овој настан. Добредојдени се и оние без најава, а со добра волја. Сите учеснички и учесници можат да настапат со кратки дискусии до три минути на темата на настанот, со отворен подиум за прашања, коментари и реплики.

Овој јавен настан е дел од истоимениот проект „Патриотизам – ДА, национализам – НЕ!“, со поддршка од програмата Цивика Мобилитас, имплементирана од МЦМС, а финансирана од Швајцарската агенција за развој и соработка.

Проектот има цел да придонесе кон намалување на деструктивните последици од национализмот и екстремизмот во општеството и да ја објасни разликата меѓу патриотизмот и национализмот. Понатаму, проектот ги прикажува придобивките од јакнењето на соживотот, подобрување на односите со соседите и кон забрзување на евро-атлантските интегративни процеси на Македонија.

Проектот се занимава со прашањата за тоа што е патриотизмот, а што национализмот, кои се придобивките од едниот, а последиците од другиот? Што можат граѓанките и граѓаните, а што институциите и другите структури на моќта во земјата да направат, за да се надминат последиците од деструктивното влијание на национализмот?

На јавниот настан јавно ќе бидат презентирани и резултатите од проектот, наодите, анализите и препораките кои се базираат на интервјуата и анкетите што ги спроведе ЦИВИЛ.

Print Friendly, PDF & Email