Власта го продава битолскиот Версај

Архитектонскиот бисер и културен центар на Битола, Офицерскиот дом, ќе се продавa преку електронско наддавање. Вкупната проценета вредност, според огласот изнесува 900.000 евра и ќе се продава како една целина. Јавното наддавање за продажба ќе се одржи на 19 февруари 2016 година во 12,00 часот.

561465_539517056068316_164898211_nОфицерскиот дом е започнат е да се гради во 1911 година, пред доаѓањето на турскиот султан Решат Петти. Според експертите, претставува редок пример на архитектура, со голема и одмерена архитектонска естетика, а носи и печат на оригиналност и неповторливост. Затоа, не е изненадување што најавата за негова продажба предизвика бројни негативни реакции кај битолчани, кои се против продажбата на една од најубавите градби и еден од највпечатливите симболи на градот Битола.

ЦИВИЛ Медиа разговараше со д-р Александар Стерјовски, хроничар на Битола, со д-р Роберт Трајковски, историчар и со актерот Борис Чоревски, доајен на битолскиот театар.

8A6902FBE13BD249B1671DCE1DA07343“Офицерскиот дом еден подолг период беше, всушност, Дом на културата. Таму се одржувале театарски претстави, концерти и што уште не. И, се разбира, претставува архитектонски украс на градот. Ова што сега се презема, односно, продажбата - е голема штета и за Офицерскиот дом  и за градот Битола. Мојот став, како граѓанин и хроничар на Битола, е дека тоа никако не треба да се направи! Домот треба да му припадне на НУ Завод и Музеј или на Домот на културата како негов депанданс, или на Општина Битола и да си го најде она место за кое служел долги децении, односно, да биде дом на култура, место каде се одржуваат културни манифестации... И така да си го врати сјајот. Оти, ние во Битола сме така навикнати, така го препознаваме и така го сакаме.  Приватник не смее да влезе, оти знаеме што ќе се случи. Слушнав дека има и обиди  да биде коцкарница,  тоа е жално. Тоа е мој став, и на многу битолчани. За нас, како членови на неформалното здружение на граѓани “Вљубеници во Битола”, самото име кажува каков е нашиот однос кон овој објект. Имамe поднесено 6-7 писма до Општина Битола и побаравме заштита на Офицерскиот дом”, изјави Стерјовски во телефонскиот разговор за ЦИВИЛ Медиа.

Актерот Чоревски, се сомнева во искрените намери на Општина Битола која реши да го продава Офицерскиот дом. Тој смета дека ако во последните 10 години постојано се вложуваше во домот, повторно ќе беше вратен неговиот сјај.

Untitled“Јас сигурно ќе бидам против бидејќи се знае таа продажба како ќе оди. Кога јас бев директор на  Домот на културата, Офицерскиот дом беше под наша ингеренција. И направивме договор што опфаќаше изградба на затворен базен, двор, бавча, да има концертна сала, да има соба на браќата Манаки, соба на Вагнер, едноставно, една музејска постановка на многу работи кои ќе беа посетувани од туристите во Битола. Ова се случи пред промената на власта во 2006 година... Оттогаш никој ништо не направи, од 2006 до денес, еве, веќе 10 години е оставен на забот на времето. Сега му дојде редот и да се продаде, кому ќе се се продаде - не знам, но Битола треба да стане, и да го даде на некому кој одговорно, навистина ќе го заштити, оти Домот е со историско значење. Со сите манифестации кои би се одржувале: музички концерти, претстави, музички поставки..., посетителите би можеле да видат што сé имало во Битола. По мое мислење, треба да му се врати стариот сјај. Во 2003 година, УСАИД почна со реновирање, но на тоа остана. Ќе видиме сега кој ќе го купи. Тоа е некое масло на господинот градоначалник, си го мие задникот. Тој како прв човек во Општината има доволно средства, да вложуваше во изминатите 10 години во реновирањето на Офицерскиот дом, досега ќе го направеше. Но, тоа е мафија што сака сé што е вредно да  продаде, и тоа - за бадијала. Треба да се направи петиција, луѓето да се потпишат против продажбата, но штом веќе решиле ова владејачка гарнитура, тешко дека ќе се предомисли.”, смета Чоревски.

Професорот по историја, Трајковски, негативно е изненаден од објавената продажба, но според него, ако се направи преглед на тоа што се случуваше во изминатиот период, ќе се заклучи дека само се подготвувало терен за продажбата на домот.

10941513_907257919305752_5654957878785535347_n“Јас бев вчудоневиден во најмала рака. Се работи за споменик од културно и историско значење. Не само градбата, целиот простор кој го опфаќа и споменикот на Стив Наумов... Станува збор за национално благо. Тоа би било како Франција да го продаде Версај, јас така гледам на тоа! Започнат е да се гради во 1911 година и направен е со крвта и потта на многу македонски генерации, и од економски добра на Македонија. Јас мислам дека и распаѓањето беше смислено, ништо не е случајно, само се чекаше вистинскиот момент. Бидејќи имаше префрлување на надлежностите од едно министерство на друго, па од министерство на Општината. Целта беше да се пролонгира целиот процес, да се дојде до оваа фаза кога ќе се продаде за багатела.”, истакна Трајковски.

10488184_1665897973632028_6172540468177821092_nОтец Душко Груевски од здружението „За нас се работи“ кое се обидува да го спаси домот и поднесе и барање до Општината во таа насока, во петокот, на својот Фејсбук профил, напиша:

„Не сум ни видовит, ниту пророк, ама едно сакам да ви порачам: Без разлика што сте наумиле да го продавате, нема да го продадете! Некако сум сигурен дека битолчани ќе излезат со сиот свој гнев и револт и нема да ви дозволат такво нешто! А, знаете зошто сум некако сигурен? Затоа што јас, и сите кои ги познавам, (а познавам многу луѓе) ќе бидеме во редовите на оние кои ќе протестираат!“

600665_539517816068240_1389100597_n Офицерскиот дом низ историјата претрпел две големи катастрофи. Една, за време на Првата светска војна и друга, при експлозија на магационот за оружје - Џебаане. Битолчаните со кои ЦИВИЛ Медиа разговараше, се плашат дека најавената продажба, е уште поголема катастрофа која Офицерскиот дом можеби нема да ја преживее.

 

Марија Теговска

Print Friendly, PDF & Email