Уште една недела за пријавување на натпреварот на граѓански новинари

ЦИВИЛ – Центар за слобода ги повикува граѓанските новинари да аплицираат за февруарскиот циклус на натпреварот „Биди граѓански новинар“, најдоцна до 6-ти март (недела) за најуспешни видео-снимки и фотографии, за сите видови кршења на човекови права, злоупотреби и притисоци во изборен контекст.

Видео, аудио и фото записи, како и текстови за закани, уцени, политичка корупција, поткуп на гласачкото тело, кршење на гласачкото право, злоупотреба на јавните ресурси и администрација..., се теми кои сегашните и идните граѓански новинари можат да ги споделат со јавноста преку проектот „Граѓански објектив“ на ЦИВИЛ, а притоа ќе добијат можност и да бидат наградени. За пристап до ФОРМУЛАР ЗА УЧЕСТВО кликнете ТУКА.

Секој што има паметен телефон, фотоапарат или камера од каков и да е вид, може да биде граѓански новинар и да се вклучи во нашиот и вашиот проект. Ве охрабруваме да земете активно учество како граѓани и граѓанки кои преку истражување, медумски активности и активизам ќе дадат свој придонес за развојот на граѓанското новинарство.

Задолжително е материјалите кои ќе ги испраќате да бидат придружени со детален опис на времето, местото, текот на настанот и учесниците во самиот настан. Авторите, како и лицата кои се вклучени во прилозите може да останат анонимни зависно од договорот со авторите и од законската регулатива за овој вид продукција и издаваштво.

Секој месец, петте најуспешни трудови ќе бидат наградувани со вредносни ваучери за набавка на фото,видео, компјутерска и телефонска опрема. Највисоката награда на месечно ниво е 110 долари.

Рокот за прибирање на трудови од граѓанските новинари е до 06 март. Наградите ќе бидат доделени кон средината на март 2016 година.

Општа цел на проектот „Граѓански објектив“ е да се зајакне јавната свест за политичките процеси во контекст на престојните избори, да се алармира домашната и меѓународната јавност за измамничките практики во изборните процеси и да се идентификуваат случаите на кршење на гласачкото право.

ЦИВИЛ веќе додели пет награди за јануарскиот циклус на "Биди граѓански новинар". Церемонијата на доделување на награди се одржа во хотел Сити Парк каде излагање имаа претседателот на ЦИВИЛ, Џабир Дерала,  како и наградените граѓани и граѓанки.

Проектот е поддржан од фондацијата National Endowment for Democracy.

 

Print Friendly, PDF & Email