Уметниците сплотени во солидарноста кон жртвите од поплавите

Катастрофалните размери на поплавата во Скопје која одзема и над 20 човечки жртви, беше причина уметниците да се организираат и да ја искажат својата солидарност и да ја понудат својата помош, преку она со што најдобро знаат да изразат својата солидарност и емпатија, а тоа е уметноста.

Хуманитарната изложба за жртвите од саботните поплави се одржа на 9-ти август, во кафулето „Концепт 37“, каде беа продадени повеќе од половина од изложените дела и се собраа 2.925 евра коишто ќе бидат донирани на настраданите семејства.

Изложбата продолжува и деновиве во „Концепт 37“ каде може да се донира со купување на една или повеќе од изложените уметнички дела.

„Поентата на целата изложба се префрла на аспектот на солидарноста, односно со со-проживување на настанот, бидејќи сакале или не, сите ние и оние кои се загрозени од овие трагедии, како да се најдовме сплотени и почувствувавме потреба нешто да направиме. Не можеме сите да одиме со лопати, не можеме да дадеме по многу пари и сите да купиме цистерни вода и тоа е можеби добро. Главната поента е сите да помогнат со својата, да кажеме професионална дејност, од еден хуманистички аспект. Оваа изложба ја доживувам пред сé како настан, отколку како еден однос кон уметничките дела. Дури ни сумата која ќе биде соберена, да бидам искрен, не ме интересира, колку што е еден гест, на една голема група луѓе кои го препознале моментот дека тие како луѓе, како граѓани како сочувствувачи на оваа состојба, имаат должност да помогнат. За мене е ова манифестација на пробудено граѓанство“, изјави Небојша Вилиќ, историчар на уметност, за ЦИВИЛ Медиа.

IMG_20160809_225524

Зборувајќи за сплотеноста на граѓанките и граѓаните, Вилиќ заклучи дека оваа несреќа, за жал, ги детектираше сите проблеми кои се наталожиле во нашето општество и дека се искажува, покрај солидарност и еден критички дискурс кој упатува апел дека политиката е пред сé одговорност.

Снежана Богдановска – Сани, моден новинар изјави дека солидарноста е основно човечко чувство кое вистинските човечки суштества го чувствуваат и имаат потреба за емпатија.

„Имаме два поларитета, едните кои даваат сé од себе да помогнат, и другите кои го користат моментот за своја лична потреба. Без коментар е всушност, оваа состојба“, изјави Богдановска.

IMG_20160809_230049

Кристина Божурска, ликовен уметник, изјави дека не треба да се заборави Скопје како „Град на солидарноста“, и покрај тоа што потенцира дека веќе не е сигурна дали Скопје треба  така да се нарекува.

Изложбата беше иницирана од Владимир Лукаш преку фејсбук статус на кој се пријавија повеќе луѓе и таа бројка постепено растеше, за на самиот настан да има дела од над сто ликовни уметници (сликари, графички дизајнери, изработувачи на накит и др.).

 

Print Friendly, PDF & Email