ЦИВИЛ најостро го осудува пречекорувањето на полициските овластувања

Полицајците треба да знаат дека времето на дивеење заврши. Време е кога полицијата треба да ги штити граѓанките и граѓаните, а не интересите на дил-ориентед моќниците!

ЦИВИЛ – Центар за слобода остро го осудува очигледното пречекорување на овластувањата на неколку полицајци, кои противзаконски ги лишија од слобода активистите на Левица и граѓанскиот новинар и соработник на ЦИВИЛ на 29 јули 2017. Пречекорувањата на овластувањата се очигледни од видео снимките на соработникот на ЦИВИЛ, како и од изјавите на очевидците.

Активистите со ништо не загрозиле ничија безбедност, ниту биле закана по нечиј живот, здравје или имот, а новинарот ги користел уставните и законски права и слободи. Како одговор на тоа, полицајците грубо им се нафрлија и ги врзаа со лисици, без никаква законска основа. Легитимирање на граѓанките и граѓаните не се врши со лисици на рацете! Новинарите не смее да се врзуваат со лисици, затоа што ја работат својата работа! Тоа е за секаква осуда!

Воедно, сакаме да го изразиме нашето пријатно изненадување од реакцијата на Министерството за внатрешни работи. Министерот Оливер Спасовски и помошникот министер за внатрешна контрола Дејан Андонов презедоа итни мерки, уште во текот на викендот, случајот да го расветлат и да преземат мерки соодветни на законот и стандардите. Го поздравуваме и го поддржуваме тој нов начин на работа.

ЦИВИЛ ќе поднесе претставка до МВР во кое ќе бара одговорност на полициските службеници и нивните претпоставени.

Со јакнење на стандардите и строгото придржување кон законските овластувања на полицијата, довербата во оваа институција ќе порасне, а со тоа и сигурноста и безбедноста во целата земја.

Ги повикуваме граѓанките и граѓаните да пријавуваат злоупотреби и пречекорувања на овластувањата, како на полицијата, така и на сите носители на јавни функции, службеници во јавната администрација и секаде каде што нотираат кршење на човековите права и слободи.

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: Albanian English