ЦИВИЛ: Локалните избори во знакот на лоша изборна администрација

Пост-изборен извештај на ЦИВИЛ, пресек на нерегуларности во двата изборни круга

ЦИВИЛ – Центар за слобода спроведе строга селекција и верификација на извештаите мониторингот, од првиот и вториот изборен круг. Методологијата на мониторингот на изборните процеси на ЦИВИЛ подразбира и сеопфатна анализа на доставените извештаи од набљудувачите на подолг рок, во текот на предизборната кампања, на денот на гласање и во пост-изборниот период. Овој извештај го подразбира периодот до 29 октомври, кога се одржа вториот круг на локалните избори во земјата. 

Со намалување на општините во кои се прегласуваше во вториот круг, аналитичкиот тим на ЦИВИЛ обработи вкупно 179 извештаи за изборни нерегуларности, за разлика од првиот круг кога беа обработени и верификувани 352 извештаи од спроведено набљудување.

Врз основа на вкупно 531 обработени пријави, во двата изборни круга, може да се заклучи дека најчест предизвикувач на изборните нерегуларности останува изборната администрација, а најчеста нерегуларност е незаконитото постапување на избирачките одбори, со учество од 28,25% во вкупниот број на изборни нерегуларности. Резултатите од обработените податоци се претставени во табелите што следат и го покажуваат видот, класификацијата на изборните нерегуларности (табела 1), најчестите причинители на изборните нерегуларности, кој предизвикал нерегуларност (табела 2) и кој предизвикал нерегуларност во категоријата „друго“ (табела 3). Податоците се однесуваат на првиот и вториот изборен круг посебно, како и на сумираните извештаи од двата круга заедно.

Прв круг Втор круг Прв и втор круг
Класификација на настанот N % n % N %
Незаконито постапување на Избирачки одбор 102 28,98 48 26,82 150 28,25
Проблеми со Избирачкиот список 38 10,80 10 5,59 48 9,04
Нарушување на тајноста на гласањето 25 7,10 7 3,91 32 6,03
Поткуп на гласачи 11 3,13 2 1,12 13 2,45
Кршење на изборниот молк 18 5,11 4 2,23 22 4,14
Злоупотреба на деца и малолетници 0 0 0 0 0 0
Закани и притисоци 9 2,55 4 2,23 13 2,45
Злоупотреба на јавните ресурси 1 0,28 0 0 1 0,19
Злоупотреба на администрацијата 2 0,57 0 0 2 0,38
Пречекорување на овластувањата 9 2,56 0 0 9 1,69
Попречување на гласањето 11 3,13 0 0 11 2,07
Семејно и групно гласање 22 6,25 24 13,41 46 8,66
Опструкции на работата на набљудувачите 5 1,42 5 2,79 10 1,88
Насилство 3 0,85 2 1,12 5 0,94
Друго 50 14,20 42 23,46 92 17,33
Проблеми со изборниот материјал 46 13,07 31 17,32 77 14,50
Вкупно 352 100 179 100 531 100
Табела 1. Класификација на изборните нерегуларности

Незаконитото однесување на Избирачкиот одбор опфаќа повеќе облици на несоодветно постапување, како што се дозвола на гласачите да гласаат, без да проверат дали претходно го искористиле своето гласачко право, неносење акредитации од Државната изборна комисија и доцнење со отворање на избирачките места поради несреден изборен материјал. Семејното и групното гласање повторно се третираа како нормална појава, а читањето на имињата на гласачите на глас, било вообичаено во повеќе изборни места, како и на претходните изборни процеси.

Избирачките места 0510, 0415 во Гостивар, 2704 во Аеродром, 1675/1 во Свети Николе се само дел каде избирачките одбори, намерно или не, на гласачите им давале повеќе гласачки ливчиња од предвиденото. Ни на овие избори, избирачките одбори не ја надминаа праксата на контрола и притисок врз набљудувачите, па така во повеќе наврати им правеле непотребни проблеми на набљудувачите на ЦИВИЛ.

За разлика од првиот изборен круг, во вториот изборен круг имаше пораст на семејното и групното гласање, а намалување на пријавите за проблеми со Избирачкиот список и пријавите за нарушување на тајноста на гласањето. Со сумирањето на изборните нерегуларности од двата круга, семејното и групното гласање и проблемите со Избирачкиот список имаат приближно исто учество во изборните нерегуларности со околу 9%(табела 1).

Ваквата состојба наведува на заклучокот дека самите гласачи имаат големо учество во предизвикувањето на изборните нерегуларности, што се потврдува и од резултатите претставени во табела 2, каде на второ место, веднаш по изборната администрација, се гласачите со учество од 17,14% во предизвикувањето на изборни нерегуларности.

Прв круг Втор круг Прв и втор круг
Кој предизвикал нерегуларност? N % n % n %
Изборна администрација 223 63,35 113 63,13 336 63,28
Партии/активисти 44 12,5 19 10,61 63 11,86
Администрација 3 0,85 1 0,56 4 0,75
Полиција 0 0 1 0,56 1 0,19
Агенција за обезбедување 0 0 0 0 0 0
Гласачи 55 15,63 36 20,11 91 17,14
Набљудувачи 13 3,69 0 0 13 2,45
Друго 14 3,98 9 5,03 23 4,33
Вкупно 352 100                 179 100 531 100
Табела 2. Кој предизвикал нерегуларност

Овие податоци укажуваат на сериозна потреба од едукација и на изборната администрација и на гласачите, во соодветни размери и опфат. Поточно, некои од нерегуларностите во овие категории се резултат на отсуство на соодветни познавања, но никако не смее да се занемари можноста за тенденциозно однесување и манипулации во одредени случаи. Како и да е, изборната администрација и гласачите гледано заедно, во 80,42% од случаите се предизвикувачи на изборните нерегуларности (табела2).

Од незнаење, а во некои случаи и како последица од намерно прикривање на пропустите во почитувањето на процедурите и законот, набљудувачите на ЦИВИЛ беа мета на опструкции од избирачките одбори во десет пријавени случаи. Опструкцијата на набљудувачите може да се поврзе со незаконитото постапување на избирачките одбори, на тој начин што дел од нив не дозволуваа набљудувачите на ЦИВИЛ да присуствуваат внатре во гласачките места, им бараа непотребна документација, им се закануваа во обид да ги дислоцираат од избирачките места. Одделни членови на избирачките одбори, наместо да го спроведуваат процесот на гласање, преземаа улога на набљудувачи, па ги набљудуваа самите набљудувачи со груби забелешки и забрани да не запишуваат одредени нерегуларности, да не присуствуваат на броење на гласови и други притисоци.

Во ИМ 2447/1, член на Избирачкиот одбор упатил крајно сериозни закани врз мониторинг тимот на ЦИВИЛ, кој беше распореден на тоа и на ИМ 2447 во село Ласкарци, општина Сарај. Настанот се случил нешто по 11 часот на 29 ноември, во вториот изборен круг. Заканите дошле од лицето, член на ИО, кое било револтирано од присуството на набљудувачите на ЦИВИЛ, односно од извештаите на ЦИВИЛ од првиот круг на изборите.

ЦИВИЛ ги повлече своите набљудувачи од општина Сарај, но на 2 ноември, истиот член на ИО физички нападна еден од набљудувачите што беа повлечени на денот на гласање. Случајот е пријавен во полиција истиот ден, а ЦИВИЛ за овој случај ја извести јавноста, ДИК, мисијата на ОДИХР и меѓународната заедница на 3 ноември. До денот на објавување на оваа анализа (9 ноември), нема реакција од надлежните институции на државата.

На избирачкото место 0683 во Кавадарци, набљудувачка на ЦИВИЛ била спречена да влезе во избирачкото место да набљудува, со образложение дека на овластувањето не бил наведен бројот на избирачкото место. По интервенции на ЦИВИЛ и по укажувањето на оваа нерегуларност до Државната изборна комисија и Општинската изборна комисија, набљудувачката беше во можност да набљудува.

Категоријата „Друго“ од категориите на класификацијата на настанот, ги опфаќа сите нерегуларности кои не можеа да се сместат во ниту една од понудените категории или, пак, претставуваат комбинација од повеќе категории нерегуларности. Забележливо е дека и во првиот и вториот круг, тука доминираат изборните нерегуларности предизвикани од изборната администрација, како  што се заборавени ливчиња зад параваните, две избирачки места во една просторија, несоодветни простории за ИМ, нивна локација во непосредна близина на партиски штабови, непристапни ИМ за лица со попреченост, несоодветно поставени паравани за гласање, отсуство на паравани за гласање на лица со физичка попреченост и неколку други, специфични случаи. На второ место се партиските активисти, со нивните најразлични обиди да влијаат врз гласачите, а на трето се гласачите кои најчесто сакале да гласаат за некој свој близок или да го остварат своето гласачко право со несоодветен или неважечки документ (табела 3).

Класификација на настанот-категорија Друго
Прв круг Втор круг Прв и втор круг
Кој предизвикал нерегуларност? n % N % n %
Изборна администрација 22 44 16 38,09 38 41,3
Партии/активисти 10 20 9 21,43 19 20,65
Администрација 0 0 0 0 0 0
Полиција 0 0 1 2,38 1 1,09
Агенција за обезбедување 0 0 0 0 0 0
Гласачи 9 18 9 21,43 18 19,57
Набљудувачи 3 6 0 0 3 3,26
Друго 6 12 7 16,67 13 14,13
Вкупно 50 100                 42 100 92 100
Табела 3. Кој предизвикал нерегуларност во категоријата- друго

Проблемите со изборниот материјал беа присутни во првиот и во вториот изборен круг и учествуваа со 14, 5% во вкупниот број на нерегуларности, односно се наоѓаат на трето место. Нефункционирањето на УВ ламбите, лошиот квалитет на гласачките ливчиња, недостатокот на папки со Брајово писмо за гласање на лица со оштетен вид, лошата означеност или оштетеност на гласачките кутии и низа други слабости, уште повеќе го отежнаа гласањето и се надоврзаа на водечките нерегуларности во овие избори создавајќи јасна слика дека треба да се посвети поголемо внимание на планирањето и организирањето на изборниот процес и унапредување на сите негови фази, со опфаќање на сите негови учесници.

И да не останат заборавени, партиските активисти и на овие избори беа изразено „ажурни“, па според пријавите, се одговорни за вкупно 11,86% од изборните нерегуларности во првиот и вториот круг заедно (табела 2). Забележани се случаи на носење на гласачи до избирачките места во Неготино, обиди за поткуп на гласачи во Општина Карпош, Ресен (Ромско Маало), Шуто Оризари (ОУ Браќа Рамиз-Хамид), Струга (с. Ливадиа, с. Враништа, с. Мороишта), Гостивар, агитирање на политички партии пред избирачките места или на социјалните мрежи и низа други облици на кршење на Изборниот законик.

Според статистиката, овие бројки се поразителни за целокупната слика на изборниот процес, што уште еднаш ги потврдува наодите на ЦИВИЛ дека, наспроти сите вложени напори, Државната изборна комисија потфрли во делот на едукација на изборната администрација, во подготовката на изборниот материјал и изборот на локациите на избирачките места. Иако, за локалните избори за овие мерки, пред сѐ, одговорноста е на самите ОИК, сепак, ДИК како надлежна институција ја има одговорноста за едукација и техничка подготовка, а не само финансиска поддршка во изборниот процес.

Останува уште прегласувањето на 12 ноември во избирачкото место 2901, ПОУ „Иднина“, Чаир, за да се финализираат локалните избори. ЦИВИЛ ќе го набљудува прегласувањето преку акредитирани набљудувачи.

Емилија Балтовска, Биљана Јордановска

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: Albanian English