ЦИВИЛ: Институциите и Владата да преземат сериозни чекори за надминување на култот кон оружјето!

Соопштение на ЦИВИЛ

ЦИВИЛ – Центар за слобода апелира до домаќините и организаторите на семејните веселби да ги заменат пиштолите и куршумите со легални начини, како што се огнометите и тоа ракувани од квалификуван персонал. Славеничкото пукање е забрането со закон и е дел од традиција која им припаѓа на минатите векови кога луѓето немале телефони и други комуникациски алатки. Тоа е примитивно, опасно и незаконско.

ЦИВИЛ апелира МВР да преземе конкретни мерки и да воведе строги санкции за употребата на оружје како дел од прославите.

Секоја година, ЦИВИЛ како организација која е дел од Меѓународната акциона мрежа за борба против нелегалното оружје, континуирано излегува со серија препораки за контрола на оружјето. Владата на Груевски беше глува кон препораките на ЦИВИЛ во изминатите години, а ги сопре и проектите за превенција и реформи во полицијата од кои дел беа посветени на овие теми.

Истите правила, истиот закон важат и денеска во Македонија. Ситуацијата не е променета… Се пука!

ЦИВИЛ континуирано ја алармира јавноста и институциите за теми и настани поврзани со контролата на оружјето во изминатите 19 години и спроведува кампања за јакнење на јавната свест за надминување на култот кон оружјето и насилството во земјата.

За жал, во Македонија и свечености, радосни моменти во секојдневието на граѓанките и граѓаните, завршуваат со повредени лица или со загубени човечки животи!

ЦИВИЛ, како организација која е дел од Меѓународната акциона мрежа за борба против нелегалното оружје, континуирано препорачува домаќините и организаторите на семејните веселби да ги заменат пиштолите и куршумите со легални начини на одбележување на настанот, како што се огнометите, но ракувани од квалификуван персонал.

Крајно време е засегнатите страни во доменот на општеството, институциите и Владата да преземат сериозни чекори за надминување на култот кон оружјето и другите проблеми поврзани со оружјето. Контролата на оружјето не е само полициска задача, туку тоа е дел од долгорочни и мултидисциплинарни мерки за справување со култот кон оружјето.

Тим за комуникации на ЦИВИЛ

 

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: Albanian