ЦИВИЛ и ОДИХР – сличности и разлики

Финалниот извештај на ОБСЕ/ОДИХР оваа година формално беше одбележан со презентација пред неколку претставници на организации што вршат мониторинг на изборните процеси во Македонија. Додека ОДИХР ги подели препораките  во две категории, приоритетни и други, ЦИВИЛ во својот извештај „Слободни избори 2017“, секоја препорака ја означи како добронамерна и конструктивна критика, но итна и подеднакво приоритетна: „Што треба да се направи, треба да се направи сега“.

Како први на листата се препораките што ОДИХР ги упати до Државната изборна комисија. Како и во минатиот извештај за предвремените парламентарни избори во 2016, останува препораката за ревидирање на Изборниот законик и внатрешната работа на ДИК, со акцент да не се менуваат правилата во тек на изборниот процес, како и подетална процедура за корекција на протоколите за резултатите во ОИК. Еден дел од препораките кон ДИК се во корелација со нивното барање МРТ да обезбеди егзактни временски износи во секои вести, посветени на покривањето на активностите од кампањите на партиите, да се замени со поопшто барање за правичен пристап и информативно покривање на помалите партии и независните кандидати.

ЦИВИЛ смета дека ДИК пред сѐ треба да се оформи најпрвин како квалификувано, професионално тело од независни експерти, а не претставничко тело на најголемите политички партии во земјата и со помал број на членови, односно, според изборните искуства на ЦИВИЛ, ДИК да се намали на седум члена.

Исто така, што се однесува на систематизацијата и длабоката реформа во структурата на ДИК, ЦИВИЛ упатува таа да продолжи со правната служба и изборната администрација, а особено општинските изборни комисии и избирачките одбори.

Во делот кој се однесува на другите препораки, ОДИХР остава простор за подобрување на изборната администрација, регистрација на гласачите и на кандидатите.

Реформи на изборниот систем: една изборна единица; отворени листи; дијаспора; намалување на обемот на парламентот треба да придонесат во елиминирање на недостатоците на изборниот систем, за кои, од друга страна, е потребна политичка волја за да се реализираат. Ваквите реформи, според ЦИВИЛ ќе придонесат на намалување на изборните нерегуларности и демократизација на општеството, а подеднакво се приоритетни и: купувањето гласови, злоупотребата на децата за политички цели, кршењето на изборниот молк, едукацијата на гласачите за нивното гласачко право итн.

Што се однесува до денот на гласање ОДИХР, накратко препорачува да се подбори достапноста до избирачките места и еднаквото право на глас на лицата со попреченост.

Да потсетиме, Здружение за промоција и развој на инклузивно општество „Инклузива“, со десет набљудувачи, за прв пат учествуваше во мониторинг на изборите, како дел од мониторинг тимот на ЦИВИЛ. Примарната цел на здружението е создавање на услови за остварување и почитување на човековите права на лицата со попреченост.

И додека во Македонија уште не влегол зрак светлина во медиумскиот мрак, кој се продлабочува секогаш за време на избори, ОДИХР препорачува дека доволно е само МРТ да зајакне како радиодифузен сервис, а АВМУ да се заштити од политички влијанија.

И додека препораката, не толку приоритетна, за финансирање на кампањите, ОДИХР ја сведува на соодветни казни за доцнење на прелиминарните извештаи на политичките партии за финансирањето на нивните изборни кампањи, ЦИВИЛ навлегува во длабинска анализа и препораки во сферата на политичкото финансирање.

Како и во сите претходни извештаи, така и во извештајот од мониторингот на локалните избори, ЦИВИЛ посветува целосно внимание на голем број аспекти на заштитата на правото на глас, кое е фундаментално човеково право. Како и секогаш, ЦИВИЛ беше прва организација која излезе со детален извештај, анализи и препораки од изборниот процес во 2017 година.

Во текот на имплементацијата на активностите поврзани со долгорочниот изборен мониторинг, ЦИВИЛ овозможи целосен и континуиран пристап до информациите од теренот за јавноста, преку медиумската платформа на три јазика (македонски, албански и англиски). Буквално сите човечки ресурси на ЦИВИЛ секојдневно им беа достапни на набљудувачите и аналитичарите на ОДИХР.

Биљана Јордановска

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: AlbanianEnglish