Судска заштита на правата на сексуалните работници!

Сексуалните работници во Македонија по вторпат добиваат заштита од првостепен суд против незаконско постапување на полицијата и на кривичeн суд.

На денешната прес конференција, невладината организација ХОПС - Опции за здрав живот, информираше за полициската акција „Сузбивање на улична проституција” од 2008 година, во која биле лишени од слобода 32 лица, од кои 23 сексуални работнички. По спроведената акција, полицијата противзаконито ги задржала сексуалните работници повеќе од 20 часа, во нехумани и деградирачки услови, додека другите приведени биле пуштени на слобода само неколку часа по приведувањето.

Како што стои во соопштението на ХОПС - Опција за здрав живот, во акцијата им биле повредени правата на сексуалните работнички, поради што, четиринаесет сексуални работнички за првпат во Македонија, се охрабриле да побараат судска заштита согласно законот, и поднеле тужба до Основниот суд Скопје 2, против МВР и Основниот суд Скопје 1.

По седум години, во повторена постапка, Основниот суд Скопје 2, повторно, делумно го усвои тужбеното барање на сексуалните работнички и повторно утврди дека првотуженото МВР, при спроведување на полициската акција ”Сузбивање на уличната проституција”  ги прекршило одредбите на Европската конвенција за човекови права.

Со истата пресуда, судот утврдил дека и Основниот суд Скопје 1 Скопје, ги повредил овие права, така што, наместо да им овозможи заштита на правата на тужителките, издал судска наредба за тестирање на крв само на барање на првотужениот, без никакви докази со кои ќе се потврди дека постои основано сомневање.

Поради тоа судот им досуди на тужителките правичен надомест на нематеријална штета за претрпена физичка и душевна болка.

“Иако пресудата не е правосилна, сметаме дека истата е значајна за правната пракса во Македонија и за зајакнување на сексуалните работници во заштитата на нивните права. За првпат во Република Македонија, една маргинализирана група, како што се сексуалните работници кои континуирано и секојдневно се изложени на насилство, се охрабрува да побара судска заштита за своите права пред националните судови”, смета Воскре Наумоска Илиева, со која разговараше ЦИВИЛ Медиа.

На прес-конференцијата, беше прикажано и видеото Треба да знаеш за мене, во кое сексуалните работнички зборуваат за проблемите со кои се соочуваат.

 

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: Albanian