Студентите без струја, Управата дома бидејќи немала услови за работа!

Шестти ден од голготата со електричната енергија во студентскиот дом „Кузман Јосифовски Питу“ во центарот на Скопје. Од понеделникот најизменично остануваат без струја делови од домот, па студентите се приморани да се собираат во оние делови каде во моментот има електрична енергија?! Од четвртокот, речиси четириесет и осум часа, електрична енергија има само во неколку соби од Домот и тоа од време на време! 

ЦИВИЛ Медиа стапи во контакт со неколку студенти кои престојуваат во овој студентски дом. Тие инсистираа да останат анонимни, плашејќи се да не ги загубат и овие мизерни услови во кои престојуваат.

„Немаме услови за извршување на основните потреби, за капење одиме по другар/ки кои се сместени во станови, учиме во градските бибилиотеки, онаа во Трговскиот центар работи до 23 часот... Потоа, се враќаме во домот, се покриваме со сé што имаме, бидејќи нема ниту греење, и заспиваме во надеж дека кога ќе станеме, проблемот ќе биде решен“, вели еден од нашите соговорници.

Од ЕВН велат дека направиле сé што е во нивна моќ и дека проблемот не е до нив, туку до инсталацијата во објектот. Од Управата на Домот велат дека чекаат на ЕВН да го реши проблемот. И додека надлежните си ја префрлаат топката, студентите се оставени да се снаоѓаат како знаат и умеат.

„Денеска сум добро, се вратив дома“, вели студент, наш соговорник. „Вчера се обидов неколку пати да дојдам до некој од Управата, и на крајот, домарот ни кажа дека сите си заминале затоа што немало струја! А ние што да правиме? Јас морам да сум во Скопје, во тек ни е испитната сесија, но немав друг избор и морав да се вратам“

Еден од соговорниците „имал среќа“ и се сретнал со управникот на домот, кој му кажал дека се работи на санирање на проблемот и дека денес ќе има струја. До моментот на објавување на текстот, струја во домот сé уште нема.

„Управникот ни рече дека се работи за некаков кабел кој изгорел поради преоптоварената електрична мрежа и дека во текот на вчерашниот ден ќе го сменат и денес ќе имаме струја. Еве, сé уште не е 'дојдена'“.

Студентите велат дека секоја година се соочуваат со истите проблеми. Инсталацијата во домот е стара и дотраена. Греењето исто така не функционира, радијаторите се толку „топли“ што ги користат како полици, вистинска среќа е да начекаат светло во тоалетите, па дури и домарот е приморан да прави импровизации за да им помогне кога имаат некаков проблем.

М. Ивановска

 

 

Print Friendly, PDF & Email