Станковиќ: Слободата се освојува со храброст и упорност!

„За да пишувам за разни скокачи, секташи и хулигани, мора со нив да шпартам по улиците. Ова мое претставување и на моите помлади соработници од ЦИВИЛ - Центар за слобода, беше замислено секој да говори на јазикот на неговите претци, не поради Преамбулата на Уставот, туку затоа што, тоа е Македонија!“, рече новинарот Синиша Станковиќ, на мултимедијалниот настан „За слобода на изразувањето“.

[youtube width="600" height="344"]https://www.youtube.com/watch?v=cJViw74aJjA[/youtube]

„Секој од нас и во редакцијата на ЦИВИЛ Медиа и воопшто во ЦИВИЛ - Центар за слобода, така и се чувствува, слободен да зборува за сé она, што го мачи, на својот јазик. Затоа, не обезбедувавме превод, за да се говори на сите јазици кои се говорат во Македонија, затоа што вистинските слободоумни луѓе, секогаш се разбираат и не им требаат преведувачи.

Слободата не е нешто што се добива во наследство. Слободата е нешто што се освојува со сила, храброст и со упорност. Слободата не се освојува од Ѓурѓовден до Митровден, кога пече сонце и под ‘Јорган планина’. Слободата ја освојуваат храбри, слободоумни луѓе кои имаат избор, меѓу багерот којшто ги урива бариерите и слободниот збор, којшто е посилен од сите багери на светот!“


На мултимедијалниот настан посветен на слободата на изразувањето и слободата на медиумите, на граѓанското новинарство и на активизмот „За слобода на изразувањето“, што во организација на ЦИВИЛ – Центар за слобода се одржа на 1 јуни, во центарот на Скопје, на присутните им се обратија шестмина новинари, граѓански новинари и активисти.
Томислав Кежаровски на македонски јазик, Арбана Ќерими на албански, Синиша Станковиќ на српски,  Хадис Сулејман на турски, Дехран Муратов на ромски и Ермин Климента на босански јазик, односно секој на својот мајчин јазик, отсликувајќи ја така Македонија како земја на различни етнички заедници, сите заедно проговорија за медиумскиот простор во земјава, за човековото право на слободно изразување, за потребата да се искаже јавно својот став, за недостатокот на објективно известување и за извртената реалност која секојдневно се пласира во медиумскиот простор.
Мултимедијалниот настан „За слобода на изразувањето“ е во рамките на проектот Граѓански објектив, финансиран од National Endowment for Democracy.
Print Friendly, PDF & Email