Специјализанти: НЕ – за понижувањата и за деградирањето на белите манитили!

Над 150 лекари специјализанти и идни специјализанти денеска излегоа на мирен протест пред Министерството за здравство за да го изразат својот револт против игнорантскиот однос на здравствените власти кон нивните проблеми, кои тие им ги доставија преку петиција, потпишана од 350 специјализанти на 15 ноември минатата година.

Со транспаренти „Тодоров не е Велики брат!“, „Германијо, чекај ме, доаѓам“, „Не - за лихварски договор“, специјализантите побараа од министерот за здравство Никола Тодоров, итно решавање на напластените проблеми кои влијаат врз нивниот живот, принудувајќи ги да се откажуваат од специјализациите и да стагнираат во кариерите.

Во име на сите специјализанти на Медицинскиот факултет, д-р Биљана Додева, специјализант на приватна специјализација на психијатрија, изјави: „Тука сме да кажеме – НЕ, за неколку работи. НЕ - за снимање на нашите испити и пренесување во живо на интернет, НЕ - за работа без плата, без здравствено и без пензиско осигурување, НЕ - за лихварски договори и меници над 60.000 евра, НЕ - за бесплатни дежурства, НЕ - за дискриминација по однос на болест и дискриминација по однос на мајчинство... Тука сме да кажеме едно големо НЕ - за понижувањето на лекарската фела и НЕ - за понижувањето и јавното деградирање на  белиот мантил“.

Протест на специјализанти

Протест на специјализанти

Специјализантите нагласија дека се работи за проблеми на целото општество и за системски проблеми и ги повикаа своите професори, доценти, асистенти и сите специјалисти, да се солидаризирааат и да им се придружат во борбата за конечно решавање на нивните проблеми.

Апел упатија и до Министерството за здравство, да не остане глуво за нивните проблеми, потенцирајќи дека нема да се откажат од својата битка и дека ќе ги користат сите демократски алатки.

Специјализантите не прифаќаат договор за парцијално решение, бидејќи не го решава проблемот, а за битките кои се водат во здравствениот систем, ќе го информираат и меѓународниот фактор.

Законот за здравствена заштита се менуваше неколку пати и не опфаќаше ниту едно од нивните барања. На 27 јануари 2016 година во Собранието беше изгласано уште едно дополнување на Законот за здравствена заштита, без ниту едно исполнето барање од Петицијата, потпишaна од 350 лекари-специјализанти и идни специјализанти.

Сите тие бараат и промена во Законот за здравствена заштита, правна помош добиваат и од Хелшински комитет за човекови права, а информиран е и Народниот правобранител кој е во процес на подготовка на предлог-измени на законот што ќе бидат предложени во Собранието.

Биљана Јордановска

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: Albanian