СЈО: Зголемен број барања за незаконски следени телефонски броеви!

Специјалното јавно обвинителство, тукушто соопшти дека расте бројот на барања кои граѓаните ги упатуваат до нив, а се однесуваат на незаконски следени телефонски броеви. До денеска се пристигнати 81 барање.

„Граѓаните се интересираат дали нивните телефонски броеви биле предмет на незаконско следење на комуникациите. Барањата се однесуваат за вкупно 245 телефонски броеви“, соопштуваат од СЈО.

Оттаму информираат дека секое заинтересирано лице може да упати писмено барање, во кое ќе го наведе телефонскиот број или телефонските броеви за коишто се сомнева дека биле предмет на незаконско следење на комуникациите. Во барањето потребно е да бидат наведени и имињата на лицата кои ги користеле ваквите телефонски броеви и контакт податоците за лицата. Барањата можат да бидат доставени лично, по пошта или по електронски пат.

Што се однесува до веќе доставените барања, во СЈО во тек е истрагата за проверки на телефонските броеви. Кога ќе бидат обезбедени сите докази, подносителите на барањата ќе бидат известени за резултатите од истрагата. Лицата за кои ќе се утврди дека користеле телефонски броеви кои биле предмет на незаконско следење на комуникациите, како и лицата за кои ќе се утврди дека биле соговорници на незаконски следен телефонски број, ќе бидат повикани во својство на оштетени лица.

Print Friendly, PDF & Email