Славеничкото пукање е примитивно, опасно и незаконско!

ЦИВИЛ – Центар за слобода остро го осудува славеничкото пукање и култот кон оружјето.

Апелираме до домаќините и организаторите на семејните веселби да ги заменат пиштолите и куршумите со легални начини, како што се огнометите и тоа ракувани од квалификуван персонал. Славеничкото пукање е забрането со закон и е дел од традиција која им припаѓа на минатите векови кога луѓето немале телефони и други комуникациски алатки. Тоа е примитивно, опасно и незаконско.

ЦИВИЛ континуирано ја алармира јавноста и институциите за теми и настани поврзани со контролата на оружјето во изминатите 17 години и спроведува кампања за јакнење на јавната свест за надминување на култот кон оружјето и насилството во земјата.

Крајно време засегнатите страни во доменот на општеството, институциите и владата да преземат сериозни чекори за надминување на култот кон оружјето и другите проблеми поврзани со оружјето. Контролата на оружјето не е само полициска задача, туку тоа е дел од долгорочни и мултидисциплинарни мерки за справување со култот кон оружјето.

Секоја година, ЦИВИЛ излегува со серија препораки за контрола на оружјето. Владата на Груевски беше глува кон препораките на ЦИВИЛ во изминатите години, а ги сопре и проектите за превенција и реформи во полицијата од кои дел беа посветени на овие теми. Се надеваме дека новата влада ќе биде отворена кон експертизите и препораките на ЦИВИЛ.

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: AlbanianEnglish