Сиромашни, разочарани и дискриминирани

Животот на граѓаните од Пласница е обременет со секојдневните политички случувања. Заробени во сивата реалност, без вода и деновие и со непрооден и руиниран пат, разочарани што нивните деца ги напуштиле домовите и  се иселелиле во странство, во потрага по работа и подобар живот, возрасните пласничани деновите ги минуваат со муабет на селскиот новоуреден плоштад.

ПЛАСНИЧАНИ БАРААТ СЛОБОДНИ ИЗБОРИ

Тука го сретнавме 70-годишниот Мемет Дервишоски во разговор со своите пријатели, најголем дел истомисленици, во детална анализа на секој чекор на најголемите партии на домашната политичка сцена. Вестите не ги пропушта, живо е заинтересиран, каков ќе биде следниот чекор на политичарите, на претставниците на ЕУ и кави се ставовите на САД.

„Господинот Никола Груевски не ја пушта партијата, зашто му е несигурна работата и неговите придружници. 10 милијадри евра се изнесени од државава надвор и со тие наши пари - носиме инвестиции... Кои се тие инвестиции, ќе дојдат тие инвеститори месец-два, ќе стојат, ќе ги потрошат парите и се враќаат назад, со нашите пари“.

Дервишоски е категоричен во ставот дека на овие избори нема да гласа, сé додека не се исполнат сите елементи од Договорот во Пржино. Според него, не е битен датумот кога ќе се одржат, туку најважно е да се создадат услови за фер, демократски и регуларни избори, како што вели - какви што одамна немало во државата

„Да седнат двете големи партии да се спогодат правилно како што е напишано во Договорот од Пржино, медиумите, Избирачкиот список, па на избори, инаку никако“, порачува Дервишоски.

Невзат Карамалески по 30 години се вратил од странство, во родната земја, но вели целосно е разочаран. Тој нема да гласа доколку не се исполнат основните услови за живот во општината, а вината  не ја лоцира во локалната, туку во централната власт.

Некому сега му е добро, 12 години си ја чува фотелјата, и сега му е жал да не ја изгуби“.

„Ако и го направат патот, вода нема на прво место“.

„Тоа не зависи од нас, зависи од други, зошто да гласам, за кого, која е добрината, 30 и повеќе години сум бил во Европа и сега ќе го пуштам бојлерот ќе секне водата“, вели Карамалески од с. Пласница.

Долгогодишните нерешени проблеми во селото и општината и тешките услови за живот се причина што и други жители на с. Пласница се подготвени да ги бојкотираат изборите.

Од нив ништо не ме интересира, тие се црна и бела, народот само го ставаат во заблуда, бадијала е се, не знам дали ке гласам, не сакам, нема потреба“,  вели Музафер Безратоски.

Државата веќе не оди, не е во ред, тешко дека ќе биде подобро, нема да гласам на избори, двете партии се исти, и тие пробале, виделе, и едните и другите крадат, и веќе не оди. Нека дојде некој друг, да видиме како ќе биде“, вели Амир Амчоски.

На заминување од Пласница кон Македонски Брод, на истата тема поразговаравме и со двајца други жители. Ниту тие не веруваат дека со овие актуелни политики, Македонија ја очекува подобра иднина.

А бе јас ке излезам, само сé е џабе, кога нема некој да те поддржи“.

Нема потреба сега да има избори, да се одложат, бидејќи не е чист Избирачкиот список, медиумите не се во ред, тоа е, сега, државата е во голема криза, стравувам, што знам...“

Пласница, јануари 2016 година

Пласница, јануари 2016 година

ФАКТИ ЗА ТЕШКИОТ ЖИВОТ ВО ПЛАСНИЦА

Општина Пласница се наоѓа во западниот дел на Македонија. Се простира на површина од 54,4 км, со четири населени места, во кои според последниот попис од 2002 година живеат 4.545 жители. Најголем дел од нив се Турци, 34-ца се Македонци, а 65 граѓани припаѓаат на други националности.

Населението главно се занимава со земјоделство и сточарство.

Но, последните 4-5 години, демографската структура е значително сменета, бидејќи многу млади луѓе, сами или со своите семејства емигрираа претежно во европските држави, во потрага по подобри услови за живот и работа. Па, сега во општината, доминантно е населението кое чекори во одминатите години од животот.

Својата егзистенција пласничани ја обезбедуваат од девизните дознаки на нивните најблиски во странство.

Сметката на Општината е блокирана, повеќе од пет години, поради наплата на побарувања со извршни решенија за стари долгови. Градоначалникот, Исмаил Јаоски оптимистички во многу наврати ја изразуваше својата верба и надеж дека со владина помош, проблемот ќе биде решен.

Но, и натаму статус кво. Проектите стојат во фиока, чекаат подобри времиња, а и оние малкумина млади кои сѐ уште живеат во општина Пласница, размислуваат да ја напуштат државата.

plesnica2

Пласница, сред село, јануари 2016 година

РАЗОЧАРАНИ ОД СИТЕ ПАРТИИ

Возрасните, пак, се помируваат со тагата по своите најмили. Свиени во своите стари огништа, ја дишат наметнатата резигнација, која единствено ја брануваат, настаните од жешката политичка сцена. Неизвесните чекори на релевантните политички фактори, ги следат будно, до детал, и ги кројат своите ставови.

Најголем дел од овие граѓани се категорични дека, додека не се исполнат елементите од Договорот во Пржино, нема да гласаат. Но, не е мал бројот ниту на оние, кои изразуваат отворена недоверба кон т.н. црно-бела опција содржана во политиките на владејачката ВМРО ДПМНЕ и на опозиционата СДСМ.

Овде речиси и да не сретнавме ниту еден среќен и задоволен човек. Според нив, општина Пласница е дискриминирана целосно од централната власт.

Текст и видео: Моника Талеска

 

Сите содржини објавени на онлајн каналите на ЦИВИЛ подлежат под лиценцата Creative Commons 4.0, односно може слободно да се преземаат, споделуваат и преобјавуваат, со линк кон изворот/оригиналот.
Print Friendly, PDF & Email