Се криев, за да не ме гледаат помодрена

Како немажена, како мома, останав бремена со човек за кој знаев дека е насилен. Не сакав да се омажам со него, но мајка ми, не ми дозволуваше да родам дете сама. Срам ќе пукнеше и сите ќе не збореа. Фамилијата ќе се откажеше од мене да не се омажев. Потоа, доцна беше за абортус, па направивме свадба и го родив детето. Родив и второ со тој монструм, не можев многу да пребирам. Така, со две деца, немав многу избор, седев и трпев физичко насилство.

muaZsOmМе тепаше кога ќе му текнеше, некогаш намерно правеше кавги, за на крај да ме натепа. Понекогаш, така, без причина, ќе се размаваше. Па, се криев од комшии и од пријатели, да не ме гледаат таква помодрена... Се криев од светот, да не гледа како живеам и што сé морам да трпам.

И, по секој ќотек, беше многу добар со мене! Ми ги бришеше раните, ме мачкаше, ме негуваше, ама никогаш не зборуваше на глас за тоа, се правеше како ништо да не било. За мене беше важно што не ги чепкаше децата. Нив никогаш не ги удираше и многу ми беше важно тие да се безбедни.

Се случија некои работи, изнајдов начин и сега веќе неколку години, не сме заедно. Се вратив кај моите со децата. Работам, децата си растат, а јас сум сама. Многу сум сама! Не само што немам партнер, немам ни другарки, ни пријателки. Разочарана сум и многу-многу не се дружам со луѓе.

Понекогаш си мислам - како ли ќе биде подоцна, кога ќе остарам - ако сега, на 35 години, сум изолирана од светот. Единствен муабет ми е муабетот со децата и со моите. Да не ги имав нив, каде ќе ми беше крајот?

Во нашето место, ако си разведена, тогаш си расипана, нечесна жена! Ако побарам психолошка поддршка, сите ќе дознаат и ќе ме прогласат за луда, па кој знае што ќе се зборува за мене и пред децата. Затоа си седам дома.

Работа, деца, стари родители... Тоа ми е животот. Затоа не се дружам и не излегувам. Затоа сум сама и само една мисла имам: да им обезбедам покрив над глава на моиве деца. За да можам да спијам мирно и да знам дека што и да ми се случи, нема да ми се децата на улица.

Сé сама правам, се снаоѓам, се борам..., самата се трудам колку што можам и како што знам... За моите деца живеам.

 

ЦИВИЛ – Центар за слобода ја покрена новата проектна активност Една може! (Një mundet! / One can!) во чиј состав е Групата за поддршка на самохраните родители.

Најголем дел од самохраните родители се мајки, кои покрај егзистенцијалните проблеми, често се и жртви на семејно насилство, на односот на семејството и на средината кон нив, но и на мобинг на работното место и на индолентноста на институциите на локално и на државно ниво.

Објавувањето на селектираните и редактирани исповеди на самохраните мајки, кои токму од горенаведените причини сите побараа да им се заштити идентитетот, е само првиот чекор на ЦИВИЛ – Центар за слобода, за соочување на јавноста со секојдневните проблеми на самохраните мајки. 

 

Print Friendly, PDF & Email