Родовата еднаквост не смее да биде декларативна, туку суштинска!

ЦИВИЛ им го честита 8 Март, Меѓународниот ден на жената, на сите граѓанки и граѓани на Република Македонија и светот. Воедно, ја алармираме јавноста дека падот на дискриминаторскиот режим на Груевски не смее да значи и застој во борбата за максимална родова еднаквост и почитување на човековите права и слободи. Постојат уште безброј предизвици на ова поле, а во самиот старт, новата Влада не покажа доволно сензибилитет за родовите прашања.

Само четири од 22 министерски позиции во Владата, само шест од 81 градоначалнички места, а 43 од 120 пратенички места им припаднаа на жени. Тоа е неприфатливо! Владата, институциите на локално и национално ниво, парламентот и општеството во целост имаат обврска за правична родова застапеност. Тоа се однесува и на правичната родова застапеност на одговорни функции од кои се носат одлуки за политиките и практиките на државно и локално ниво.

ЦИВИЛ ѝ препорачува на Владата, во пресрет на владината реконструкција, да поведе повеќе сметка за родовата еднаквост во текот на тој процес, но и да не застане таму.

И воопшто, ЦИВИЛ бара од сите политички партии да ја сфатат родовата еднаквост како една од најважните, ако не и најважна задача – да креираат политики според кои жените ќе го добијат заслуженото место во сите сфери во општеството и државата.

По долгата деценија во која жената беше понижена и сведена на објект и апарат за репродукција, крајно време е да се врати достоинството на жената и сите, солидарно, да се заложиме за максимално почитување на правата на жената во Македонија.

Повиците за учество и застапеност на жената во политиката, односно институциите на власт со 30 проценти, ЦИВИЛ ги смета за дефетистички и потценувачки. Бараме најмалку 50 проценти застапеност на жената во политиката и државните институции, соодветно на нивната застапеност во општата популација.

Доследна и систематска институционална и општествена заштита на правата на жената, нејзина вистинска заштита од мобинг, дискриминација и семејно насилство, решителни мерки за санкционирање на кршењето на родовите права, се императив на едно демократско општество.

Улогата и застапеноста на жената не смее да биде декларативна, туку суштинска!

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: Albanian English