Рилковски: Власта не може да избега од „Договорот од Пржино“

ЦИВИЛ – Центар за слобода продолжува со праксата да биде отворен подиум за ставови и анализи на општествено-политичките процеси во изборен контекст.

Редакцијата ЦИВИЛ Медиа направи мини серија од разговори со истакнати интелектуалци, јавни личности од општествената сцена, експерти и аналитичари, од кои добивме низа интересни и значајни гледишта и анализи. На сите соговорници им беа поставени исти прашања кои се однесуваат на развојот на преговорите за надминување на политичката криза, на опструкциите и прекршувањата на „Договорот од Пржино“ и на можностите за создавање вистински услови за слободни избори во април 2016 година.

Овие разговори се дел од активностите на проектот „Слободни избори за слободни граѓанки и граѓани“, поддржан од Министерство за надворешни работи на Сојузна Република Германија.

Никола Рилковски со кого разговаравме како со претседател на Државната изборна комисија во заминување, изрази загриженост дека пролонгирањето на договореното во Пржино, ќе има негативни  импликации, како и дека, како што се одвиваат работите, ќе се проблематизира и оставката на премиерот и составувањето на нова Влада.

[youtube width="600" height="400"]https://www.youtube.com/watch?v=XS1R6V6unBY[/youtube]

ЦИВИЛ Медиа: Како го оценувате политичкиот процес во Македонија во контекст на имплементација на договорот од Пржино?

РИЛКОВСКИ: Процесот за имплементација на договорот од Пржино во оваа фаза минува низ една сложена постапка, во смисла дека се одолговлекува сé она што е договорено во Пржино. Одолговлекувањето на договорените работи, во најголем дел, според моите согледувања, се одвива од страна на владејачката партија, односно на власта, на кои не им одговараат многу работи од тоа што е договорено. Но, бегање од тоа нема, со оглед дека тие се потписници на договорот. Тоа одолговлекување ќе има секако последици во однос на ефикасноста на подготовките на сите институции кои се инволвирани во изборниот процес. Пролонгирањето ќе има и негативни  импликации, затоа што прекршувањето на рокот претставува опасност, а 24-ти април, денот кога се закажани изборите е фиксен. Тој простор многу се намалува и се плашам од многу недовршени работи или избрзано завршени работи.

ЦИВИЛ Медиа: Кои се најсериозните прекршувања на договорот од Пржино?

Никола Рилковски

Никола Рилковски

РИЛКОВСКИ: Поголеми или помали прекршувања не би можел да издвојам, но најеклатантно во целата оваа ситуација e што освен влегувањето на опозицијата во Собранието, што се случи без никаков проблем, значи, како беше договорено така и се случи, речиси за сите други термини кои се договорени, роковите се пробиени. Онаму каде што веќе се завршени предвидените точки од договорот, тоа е направено со многу пробиени рокови. Од она што во моментот се случува, на пример, за составување на ДИК е поминат рокот, а се уште е неизвесно дали до крајот на годината ќе се избере нов состав, потоа договорот за медиумите... Вака, како што се одвиваат работите, до почетокот на јануари и премиерот треба да поднесе оставка и до 15-ти јануари да се состави нова Влада, мислам дека ќе се проблематизира работата.

ЦИВИЛ Медиа: Дали и како е можно да се создадат услови за слободни избори во април 2016?

РИЛКОВСКИ: Најважно е колку политичките партии кои се водечки, се со желба да се спроведат фер и демократски избори. Значи, клучот би го ставил кај нив, затоа што од она што ни се случувало низ изборните процеси, гледаме дека кај едните или другите, не е битно, причинители за голем број на нерегуларности се самите партии.  И во овој случај, сметам дека сé од нив зависи, дали ќе имаат волја да ги постават изборите на колосек кај што навистина треба. Не само сега, секогаш изборите требало да бидат фер и демократски, но мислам дека сега, колку и да не постои таква желба, притиснати се од меѓународниот фактор да мора нешто да сторат. Се надевам дека и покрај нивната желба, и за позитивно и за било какви негативности, сé ќе биде под надзор на меѓународниот фактор. Никогаш не може да има ефикасен и школски пример на избори, но се надевам дека како што досега се случуваа избори со измами и фалсификати, барем сега нема да се случат.

Марија Теговска

Камера: Дехран Муратов

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: AlbanianEnglish