Реакција: Чилиманов ги навреди Бошњаците!

„Очекуваме од членовите на ад хок телото за медиуми, да имаат познавање за говорот на омраза. И тогаш, кога ние, како гледачи или жртви на говорот на омраза, не би го препознале и не би реагирале, тие треба да реагираат. Наместо тоа, Цветин Чилиманов, еден од членовите во ова тело, користи говор на омраза и ги навредуваа Бошњаците, нарекувајќи ги бегалци“, вели Мерсиха Смаиловиќ во разговор за ЦИВИЛ Медиа.

14741092_10211090729682123_370300144_n

Смаиловиќ е една од потписничките на реакцијата која денеска беше испратена до ВМРО – ДПМНЕ, до Советот за етика во медиумите, до Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и до ТВ 24 Вести.

„Ова однесување на Чилиманов го доведува во прашање и работењето на ад хок телото, затоа што се сомневаме дека ќе функционира, кога луѓе како него се дел од телото. Затоа, реакцијата ја испративме и до ВМРО-ДПМНЕ, затоа што тој е нивен кандидат. Ако има некои механизми да го повлечат, затоа што сепак, има новинари кои не користат говор на омраза“, вели Смаиловиќ.

Untitled

„Испадот на Чилиманов“, како што се вели во реакцијата, се случил во емисијата “24 анализа”, која се емитуваше на 24 Вести. Обраќајќи му се на соговорникот Сафет Бишевац, во емисијата Чилиманов изјавил: „ Сафет, ти си бегалец, од некоја земја дојден тука, си добил државјанство“.

„ Ние, како Бошњаци во Република Македонија, остро го осудуваме овој говор на омраза, со кој гостинот се обидува да го навреди Бишевац, како и народот на кој му припаѓа, нарекувајќи го 'бегалец', а со тоа и останатите Бошњаци во државата, кои сме дошле од некаде“, стои во реакцијата.

„Сакаме да укажеме и на штетната улога на медиумите во креирањето на атмосфера на етнички тензии во општеството, преку сé почесто отстапување простор на разни националистички, шовинистички, па и фашистички ставови. Ги повикуваме медиумите да внимаваат, а и кога ќе им се случи пропуст, јасно и гласно да се оградуваат од таквите испади. Јавно ја повикуваме ВМРО-ДПМНЕ, чиј предлог е Цветин Чилиманов во ад хок телото за медиуми, да се произнесе дали ги споделува ставовите за Бошњаците на Чилиманов. Доколку не, исто така јасно и гласно, да се оградат од овој негов испад“, се вели во реакцијата во која се бара јавно извинување од Чилиманов.

Потписници на реакцијата се: Елза Бачевац, Елдиса Тртовац, Џелал Хоџиќ, Рахман Календер, Асмир Алиспајиќ,  Емина Реброња, Сенад Смаиловиќ и граѓанските организации „Еду Ниса“, „Шадрван Македонија“ и „Глас Оризара“.

Марија Теговска

 

 

Print Friendly, PDF & Email