Протест: Собранието е мачета со која се масакрираат работничките права

Протестот за работнички права, кој го организираа синдикати и организации потписници на Повелбата за солидарност, а по повод Меѓународниот ден на работниците, денеска се одржа наспроти лошите временски услови.

Иако е продолжен празничен викенд, што беше дополнителна отежнувачка околност, на протестот, сепак, се појавија повеќе од стотина демонстранти кои носеа црвени знамиња и транспаренти со повици за будење на работничките и работниците, не само овде, туку и на целиот Балкан. „Работниците не се робје“, „Први Мај живее“, „Нема работнички права, нема мир“ беа само дел од слоганите кои беа на транспарентите.

Потписниците на Повелбата за солидарност бараат нов Закон за работни односи со кој се гарантираат правата на работниците, наспроти преголемите овластувања кои сега ги имаат работодавачите.

Поворката демонстранти го започна протестот во 18 часот пред Домот на културата „Кочо Рацин“, а потоа се упати кон Собранието на Република Македонија, кое еден од говорниците го нарече „мачета со која се масакрира демократијата“. Демонстрантите го изразија своето незадоволство и пред зградата на Сојузот на синдикатите на Македонија.

Ермин Климента

Print Friendly, PDF & Email