Промоција: “Изборна архива на изборите во Македонија од 1990 до денес”

Веб-порталот „Изборна архива на изборите во Македонија од 1990 година до денес“, беше презентиран денеска, од креаторите од Институтот за демократија „Социетас цивилис”од Скопје- ИДСЦС и Фондацијата „Конрад Аденауер“ во Македонија.

Јоханес Д. Раи и Марко Трошановски

Јоханес Д. Раи и Марко Трошановски

Идејата на овој веб-портал, како што соопшти Марко Трошановски, претседателот на ИДСЦС, е досега неструктурираните, несегментирани податоци за изборите, да се интегрираат на едно место, со цел - создавање на единствен директен извор на податоци. Порталот содржи 300 документи, кои се поделени во четири категории (година, парламентарни, претседателски и локални избори), кои понатаму се распределени во седум секции. Во Прирачникот за изборите, како посебна рубрика, можат да се најдат елаборати во изборен контекст, листа на сите кандидати, правна рамка, како и извештаи од набљудувачките мисии на домашни и странски организации.

ЦИВИЛ - Центар за слобода, ги потсетува граѓаните и граѓанките, дека како организација која работи во делот на мониторирање на избори, досега објавила повеќе релевантни извештаи, за изборите во 2013-та година, и за изборите во 2014-та.

Дигиталната изборна архива, како што потенцираше Јоханес Д. Раи, официјален претставник на Фондацијата „Конрад Аденауер“, претставува институција за сеќавање, затоа што “само тој којшто го познава минатото, може да ја креира иднината.”

Документите кои недостасуваат, особено од изборите во деведесеттите години од минатиот век, ИДСЦС очекува да ги надополни преку заедничка соработка со сите оние кои користејќи ја оваа алатка, ќе придонесат за збогатување на архивата, со испраќање на документи со кои располагаат.

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: Albanian