Премолчено во „отчетот“ на ВМРО-ДПМНЕ: Реално, 600.000 млади избегаа од Македонија, за да не станат „робови“ во сопствената држава!

На официјалната страница на ВМРО–ДПМНЕ е објавен „Отчет“ за наводните успеси во 10-годишното владеење со Македонија, со пропагандниот слоган: „Реално! Работа, сигурност, напредок!“ Во извештајот како ударни, се изнесени податоци за намалувањето на невработеноста, за зголемувањето на пензиите, за позиционирањето на Македонија во „Топ 10“ - држави за водење бизнис, и за отворањето на нови работни места... И сé би било во контекст на досегашното пропагандистичко замајување и дефокусирање на јавноста, кога бројките би издржале и минимална проверка и споредба со реалноста...

„Над 160 илјади нови работни  места се отворени од доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ на власт од 2006 година до денес, што овозможи пад на невработеноста од 38 на 24 проценти. Рангирањето на Македонија е во првите 10 држави во светот, и првите пет во Европа, според условите за водење бизнис, стои во најновиот извештај на Светската банка, 'Дуинг бизнис', како и последните статистички податоци за растот на индустриското производство. Според Државниот завод за статистика, стапката на невработеност изнесува 23,4 отсто. И, за 10 години, најниската пензија се зголеми за 90,3 отсто“, се вели во рекламата на ВМРО-ДПМНЕ.

Фалбоспевите се дел од перманентната кампања на ВМРО-ДПМНЕ, но во еден вистински отчет, партијата која цела деценија владее со Македонија, би морала да даде објаснување на бројните отворени прашања, кои ја доведуваат во прашање смислата на изнесеното.

На пример, реално, стапката за невработеност се намалува и со тоа што, доколку невработено лице не се пријави навреме во Бирото за вработување, по автоматизам, системот го брише како активен барател на работа. За празните градови во Источна Македонија, чие население, со бугарски пасоши или „на црно“ агратува во Италија и во другите европски земји, и да не зборуваме... Важно, бројот на невработени, според ВМРО-ДПМНЕ, се намалува. Ако некогаш државава најде сили и способности да организира попис, реално, трагедијата на Македонија ќе нé удри в лице со сета жестина, а лагите ќе се распрснат како меур од сапуница.

Реално, пензиите се зголемија, а исто така, и турканиците во автобусите, бидејќи пензионерите добија и бесплатен автобуски превоз, навистина, само во Скопје. Но, јавна тајна е дека Пензискиот фонд е на апарати за преживување, и кај и да е, апаратите ќе откажат, бидејќи пензиите сé уште делат, но секој вторник, секоја седмица, Владата се задолжува со нови и нови кредити и ги фрла следните генерации во должничко ропство... Реално.

 

gostivar112016

Десетгодишното владеење на ВМРО - ДПМНЕ, на чело со Никола Груевски, наводно го зголемило бројот на вработени. Но, еден граѓанин напиша: „Отварање на нови работни места во Македонија, тоа пред 100 години во Америка го викаа - трговија со робови“. Колку е реално зголемувањето на бројот на вработените, освен невидената превработеност во администрацијата, за експанзија на бројот на нови гласачи за власта?

Реално, средствата кои државата Македонија им ги дава на странските инвеститори во ТИРЗ-овите, а која не е достапна под исти услови и за евентуалните домашните инвеститори, ја доведува во прашање логиката на Владата, особено ако се знаат платите и правата на граѓаните во Македонија, вработени во дел од таквите фирми.

Сурово реално, околу 600.000 млади македонски граѓан(к)и ја напуштија Македонија, за да не станат робови во сопствената држава и да работат за плата која не им достасува ни за преживување, а збор да нема - за достоинствен живот.

За тоа некој мора да поднесе отчет! Реално.

Дехран Муратов

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: English