Предизборен молк сред изборна кампања

Од петок на полноќ па сé до затворање на изборните места во недела за првиот круг од претседателските избори на сила ќе биде предизборен молк кој за првпат во историјата на повеќепартискиот систем во Македонија се случува сред друга предизборна кампања. Молкот ќе ја прекине кампањата за парламентарните избори, што според членот 76-б од Изборниот законик значи дека престануваат сите облици на изборно медиумско претставување на учесниците во изборна кампања.

izbiracki kutiiАлијансата за позитивна Македонија пред еден месец побара од Државната изборна комисија да дозволи да продолжи кампањата за парламентарните избори и во време на изборниот молк за претседателските, зашто партијата нема кандидат за претседател на државата. Ова барање на Алијансата се јавува поради поклопувањето на изборните рокови, како последица на тоа што вонредните избори за пратеници ќе се одржат во евентуалниот втор круг од изборите за шеф на државата. Претседателот на ДИК Никола Рилковски е категоричен во однос на предизборниот молк и вели дека тој ќе важи за сите политички партии, без разлика дали тие имаат или немаат кандидат за претседателските избори.

„И покрај случајот со поклопувањето на гласањето на претседателските избори со изборната кампања за парламентарните избори, ДИК донесе одлука молкот да важи за сите партии и медиуми“ – изјави Рилковски за Цивил МЕДИА.

Според прописите на Изборниот законик наведени во контекст на изборниот молк, од неговото стапување, од петок по полноќ до затворањето на избирачките кутии, забранети се сите облици на изборно медиумско претставување на учесниците во изборна кампања.

Според законот, во време на изборен молк, медиумите не смеат да објавуваат информации, фотографии, аудио и видео материјали поврзани со учесниците во изборите. За кршење на изборниот молк се смета и отворено или прикриено известување на нечија изборна кампања.

Марко Петревски

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: Albanian