Правдата тропна на вратата на главниот „Транспортер“

Kуќен притвор во траење од 30 денови за градоначалникот на Битола, Владимир Талески, определи денеска Основниот суд Скопје 1 од Скопје.

transporter

Според соопштението, Судот ја изрече оваа мерка, преиначувајќи го решението на судијата на претходна постапка, по повод предлогот на СЈО за определување мерка притвор за осомничениот градоначалник во случајот „Транспортер“.

Судот ја одби како неоснована жалбата на Јавното обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите од 14-ти овој месец, како и жалбата на осомничениот.

Притворот за Талески ќе се смета од моментот на неговото пронаоѓање и лишување од слобода, согласно со чл. 165, т.1, 2 и 3 од Законот за кривична постапка. Надзор на куќниот притвор ќе врши битолската полиција.

Од градоначалникот Талески денеска не добивме одговор. Негови блиски одговараат на неговиот мобилен телефон.

„Ќе му пренесам, ќе ве контактира кога ќе се врати“, гласеше одговорот на лицето со коешто разговаравме на мобилниот телефон од Талески, а кое што не одговори каде всушност, се наоѓа во моментов градоначалникот на Битола.

Законскиот полномошник на Талески, адвокатот Никола Додевски не сакаше да го коментира, како што рече, медиумското соопштение.

„Не сме добиле официјален документ. Ќе чекаме да добиеме решение од Судот, дури тогаш можеме да дадеме мислење“, изјави Додевски за ЦИВИЛ Медиа.

Битолската граѓанска и политичка јавност очекува победа на правдата.

„Првин како личност, а потоа како член на здружение, и на крајот, како граѓанин на Битола, сакам да порачам дека ниту јас, ниту моето здружение, ниту граѓаните на Битола, никогаш нема да ликуваме за маката на другиот. Но, секогаш, без оглед за кого станува збор, ќе се бориме за правда и ќе бидеме задоволни само тогаш, кога ќе биде задоволувана правдата и никако поинаку. Доколку се докаже вината на градоначалникот Талески, единствено што ќе очекуваме е тој да понесе и морална одговорност, излегувајќи пред битолската јавност, со извинување кон секого, што на кој било начин го повредил во неговото досегашно извршување на градоначалничката функција, но не само во случајот ‘Транспортер’, туку и во евентуални следни судски предмети“, изјави за ЦИВИЛ Медиа, Душко Груевски, еден од основачите на здружението „За нас се работи“.

Ова здружение речиси две години води битка со локалната власт, која велат е одговорна за крајно неповолната слика на градот, со акцент на заштитата на животната средина и загаденоста на воздухот.

Моника Талеска.

Print Friendly, PDF & Email