Постизборен извештај на ЦИВИЛ: Двесте шокантни страници!

Н.Е. д-р Кристине Д. Алтхаузер, Амбасадорка на Сојузна Република Германија ќе одржи воведен говор на промоцијата на публикацијата „Избори 2016: Финален извештај од долгорочното набљудување на политичкиот процес и предвремените парламентарни избори во Република Македонија“ во издание на ЦИВИЛ – Центар за слобода. Промоцијата ќе се одржи утре, четврток, 2 февруари, во хотел Парк Резиденс (зад фудбалскиот стадион), со почеток во 12:30 часот.

На поканата на ЦИВИЛ веќе се одѕваа сите авторки и автори во публикацијата, голем број експерти кои беа гости на настаните на ЦИВИЛ во изминатиот период, медиуми, претставници на меѓународната заедница и политичките партии. Поканата е отворена, влезот е слободен – како и секогаш. По презентацијата, предвиден е и пригоден коктел.

Во овој шокантен извештај, на 200 страници, се откриваат детали од мониторингот на изборниот процес и на политичките состојби во Република Македонија во текот на целата 2016 година. Во подготовката на овој извештај учествува целиот проектен тим на ЦИВИЛ и тимот на експерти составен од д-р Сашо Орданоски, Александар Новакоски, Сандра Гавриловска, Драган Зелиќ (ГОНГ, Хрватска), Хедер Роберсон Гастон (САД).

Џабир Дерала, Синиша Станковиќ, Петрит Сарачини, Моника Талеска, Горан Наумовски, Биљана Јордановска, Дехран Муратов, Маја Ивановска, Ермин Климента и низа други членови на проектниот тим на ЦИВИЛ низ своите извештаи, анализи и осврти ја претставуваат реалноста на Македонија, фактите какви што се, без шминки и заобиколувања.

Како документ, оваа публикација, исто така, ќе послужи како важна препорака и извор на информации за граѓанското општество, политичките партии и меѓународната заедница во рамките на напорите за создавање на услови за слободни избори и во иднина.

Овој настан е заокружување на проектот НАПРЕД! поддржан со германски средства при Пактот за стабилност на Југоисточна Европа, спроведен во периодот од 1-ви јануари 2016 до 31-ви јануари 2017 година. Проектот НАПРЕД! обезбеди долгорочен мониторинг на политичкиот процес и предвремените парламентари избори во Република Македонија.

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: AlbanianEnglish