Полицајците сепак, ќе добијат решение за работа?

„Министерот Нухиу одговори дека и претходниот министер имаше доставено барање до Министерството за финансии, каде од истото Министерство беше одговорено дека ќе треба да се обнови барањето во наредната 2017 година. Министерот Нухиу им вети на полицајците дека по новогодишните празници, ќе достави барање до Министерството за финанси за решавање на нивниот проблем“, се вели во соопштението од МВР, по денешната средба на новиот министер за внатрешни работи  Агим Нухиум, со претставници на 660 полицајците-приправници кои протестираа пред МВР, зато што и по три месеци по завршувањето на обуката не добиле решение за вработување. 

„Министерот не информираше дека на 10 октомври, веднаш по завршувањето на обуката и по делењето на сертификатите, е доставено до Министерството за финансии барање, на кое е одговорено дека треба дополнително, уште едно барање да се достави во 2017“, изјави еден од полицајците со завршена обука, Ѓоргија Коларовски. Според него, 660 добро обучени полициски службеници од класата - генерација 2015/2016 година, „можат да помогнат и да придонесат за стабилноста на државата, но наместо тоа, тие седат дома“.

Иако добија потврди дека успешно ја завршиле обуката, поради периодот на изборниот процес кога е забрането вработување, полицајците мораа да чекаат и со денешниот настан го изразија својот револт. Освен нив, на вработување, според последниот конкурс беа избрани во брза постапка уште 400 полицајци, кои не ја почнале обуката.

Но, лидерот на Независниот синдикат на полицијата Гоце Делчев Тодев изјави вчера за ЦИВИЛ Медиа дека „јавноста има погрешен впечаток дека во МВР се примаат стотици полицајци и дека има превработеност. Ви тврдам дека тоа не е точно и дека, само во мојата станица, по пензионирањето и заминувањето на колеги од службата, има недостаток од 50 проценти полицајци, според систематизацијата на работните места. Тоа и граѓаните мора да го знаат, мора да се излезе во јавноста со точни податоци за бројот на полицајците за средствата кои се неопходни за нивните плати, опремата, дообуките и професионалното унапредување, за да не се стекнуваат погрешни впечатоци“.

Print Friendly, PDF & Email