Политичка пролет во Бела Црква

Овде, во кривогаштанското село Бела Црква, сите жители се занимаваат со земјоделство, зашто едвај да има некој вработен. И оваа пролет, од утро до мрак тие се по нивите, освен во празник и недела, ден како овој, кога ги затекнавме пред продавницата среде село, како муабетат за животот, за политичките случувања, за секој следен чекор на политичарите, партиите...

И не ги кријат ставовите. Откако опозиционата СДСМ како што велат, започна со објавување на „бомбите“, а особено по одлуката за аболиција, што ја донесе претседателот Ѓорге Иванов, немаат дилеми околу изборниот процес. Сите со кои разговаравме на оваа тема се едногласни дека ќе гласаат, но само на кредибилни избори, тогаш кога ќе биде исполнет Договорот од Пржино.

Многу жесток во своите ставови е 74 годишниот, Крсте Станкоски. Вели не поддржува ниту една партија, но бара правда, сака да живее во демократска држава во која ќе владее законот.

Богоја Рајчиноски, пак, е убеден дека претседателот Иванов донел однапред договорена одлука, која ги штити политичарите, за кои се води или ќе се води истрага во СЈО.

Славе Шипиноски е целосно согласен со ставовите на своите сограѓани. Според него јавна тајна е што во ова село, за сите избори се вршат политички притисоци, а неистомислениците се казнуваат на разни начини.

И додека муабетевме со овие луѓе, разговорот будно го следеше друг жител, нервозно дофрлувајќи по некој збор. Во намерата да ги чуеме ставовите и видувањата и на другите граѓани, го замоливме пред објективот на камерата да ни каже, зошто не се согласува со другите мештани. Не беше подготвен за разговор, но сепак јасно порача дека сè што имаат му должат на Груевски.

Во секој случај во Бела Црква, пристигна политичката пролет. Жителите веќе не стравуваат да говорат за своите проблеми, да го манифестираат своето незадоволство од работата на власта. Според нив, владејачката партија треба да ја ослободи политичката сцена, а во државата да се врати демократијата и законот.

Текст и видео: Моника Талеска

Print Friendly, PDF & Email