Ќе побара ли искрена прошка Груевски?

Денеска е Прочка - Велики Поклади или Проштени поклади, еден од најголемите христијански празници, на којшто и според традицијата, се бара прошка за грешките направени во годината што изминала.

1454656_10203766754714729_6407139190124201333_n

Пишува: Моника Талевска

Од утре пак, започнуваат долгите велигденски пости, исполнети со многу одрекувања, со тихување, со воздржување од сите гревови, не само со пост во храната, но особено, со духовно прочистување, период исполнет со многу молитви, во којшто не смее да се помисли, а не изрече, ниту една лага, невистина, погрден збор, период во којшто мислата треба да се исчисти од омраза, зло, љубомора, завист... А, доброљубието, искреноста, хуманоста,благородноста треба да бидат духовна храна за верникот, кој само така, се подготвува за причест, за Велигден, за денот кога се чествува Христовото воскресение, кога се идентификува со Исус Христос. Вистинските верници го прават тоа.

Според тоа, ќе побара ли денеска експремиерот Никола Груевски искрена прошка од своите граѓани? Ќе побара ли прошка од сите сиромашни, затоа што трошејќи ги народните пари за барокните фасади и кичерајската споменична сценографија, ги остави да гладуваат, тивко да умираат?

Ќе побара ли прошка од болните чија здравствена состојба секој ден се влошува затоа што немаат пари за здравствено лекување во приватни клиники или во странство, а не можат да се лечат во руинираниот јавен здравствен систем, без болници,опрема и кадар?

Ќе побара ли прошка од сите покојни души, кои прерано заминаа, затоа што Фондот за здравство не им ги даде потребните, нашите пари, за нивно лекување, прошка од нивните родители кои не можат да најдат утеха за болката, кои не можат да најдат мир за загубата?

Ќе побара ли прошка од сите млади, кои ги напуштија корените и заминаа во белиот свет,далеку од мирисите на својата земја, каде дополнително ќе треба да се докажуваат, за да го скршат стереотипот за Македонија – како држава на криминал и корупција?

Ќе побара ли прошка од нивните родители, зашто денеска се празни местата на нивните чеда крај трпезите, затоа што повеќе не ги слушаат саканите стапалки, затоа што вратите останаа затворени?

Ќе побара ли прошка Груевски денеска од големите револуционери,од великаните: Гоце Делчев, Питу Гули, Никола Карев..., затоа што му го одзеде сјајот на ВМРО, го засени нивното дело? Ќе побара ли прошка од своите сопартијци, затоа што ВМРО-ДПМНЕ со него на чело, го доживеа најголемиот срам, крах, удар, а корупцијата и криминалот станаа име и презиме на партијата?

grujo-tetovaza

Ќе побара ли Груевски денеска искрена прошка од сите граѓани, затоа што по 10 години владеење, наместо во европското семејство, Македонија ја фрли на коленици, парталава, сиромашна, недостоинствена, гладна, испустена?

Да, ако е верник ќе побара! Ако е верник, Груевски веќе од утре, ќе прекине со сите паради низ Македонија и ќе побара провладините телевизии, да не го следат онлајн со камерите секој негов чекор, во секое долче и ритче, во секое селце, каде една деценија имаше шанса, но не изгради водовод, канализација, патче, а не пат. Ќе прекине со лошата глума да демонстрира, колку заборавените луѓе кои живеат во сива реалност, без работа, без топлината на блиските околу себе, токму сега нему, му станаа толку мили при срцето.

Ако е верник, Груевски, од утре ќе треба да се воздржи од сите погрдни зборови, од целата омраза која во себе ја носи кон целата критичка јавност во Македонија и кон меѓународните медијатори, кои се обидуваат да помогнат да се врати демократијата, да се расчитат дилемите, дали и колку тој и неговите најблиски сопартијци, се инволвирани во криминал и корупција, во руинирање на Избирачкиот список, во уништување на нашата реалност, во кражба на нашата иднина!

Ако е верник Груевски, ќе тихува и ќе се моли на Бог, Севишниот да му ги прости грешките, да му помогне, да се врати на власт. А, притоа, без двоумење, храбро ќе се јави на следното рочиште пред Специјалното обвинителство, за да си докаже себе си првин, а потоа на другите: дека е чесен и праведен и дека не - неговите политики, туку Заев и странскиот фактор се обидуваат преку него, да и наштетат на Македонија.

Во спротивно, граѓаните (особено оние тивки, мирни верници кои сакаат да останат настрана од политика и кои се задојуваат и преку поданиците на Груевски во МПЦ, дека само со ВМРО ДПМНЕ на власт се негува верата), треба да станат свесни дека сите паради и цикруси поврзани со религијата и МПЦ, се само уште еден предизборен трик, фатаморгана, уште една алатка во валканата изборна кампања.

Па, експремиере, повелете, Вие сте на потег!

 

Print Friendly, PDF & Email