Појаснување: „Веро“ ќе обезбеди максимални услови вработените да го искористат своето право на глас

Агенцијата „Њу момент“, во име на компанијата „Веро“, испрати соопштение до ЦИВИЛ - Центар за слобода, во вид на појаснување, по повод текстот на ЦИВИЛ Медиа - „'Веро' ќе прави попис на денот на избори“, кој вчера предизвика големо внимание во македонската јавност. 

Соопштението го објавуваме во целост, без интервенции во текстот.

Интернет-страницата „ЦИВИЛ Медиа“ објави вест што беше пренесена и од други македонски изданија, а во врска со неа менаџментот на компанијата „Веро“ го изјавува следново:

„Како и во повеќето супермаркети во Македонија, кои што во недела, 11-ти декември, ќе работат, така и вработените во 'Веро'  ќе ги исполнуваат своите обврски, што е практика и во сите останати викенди во текот на годината. Маркетите на 'Веро'  нема да бидат отворени за нашите ценети купувачи, бидејќи ќе се одвива редовниот годишен попис. Нагласуваме дека одлуката за ова беше вклучена во годишниот план на компанијата уште пред неколку месеци, кога парламентарните избори воопшто не беа закажани, со цел да ја зголемиме ефикасноста во име на нашите потрошувачи.

Во таа насока целосно го отфрламе тврдењето објавено од ЦИВИЛ – Центар за слобода, дека одржувањето на пописот во 'Веро' на 11-ти декември е обид да се спречат вработените да излезат на гласање. Сосема спротивно, 'Веро' ќе ги овозможи сите услови, со цел, вработените во компанијата да можат да го искористат своето право на глас.

Без разлика што ќе се изведува попис, вработените ќе доаѓаат на смени, како што е и вообичаено. За тие што ќе сакаат да гласаат во текот на работното време, ќе има организиран превоз, а ќе постои можност и секој индивидуално да отиде до своето избирачко место.

Уште еднаш подвлекуваме дека одлуката за пописот во 'Веро' е донесена во рамки на годишниот бизнис-план на компанијата, неколку месеци пред изборите воопшто да бидат закажани. Истакнуваме дека вработените нема да бидат спречени, напротив, ќе се обезбедат сите услови со цел секој да го искористи своето право на глас“.

Print Friendly, PDF & Email