По текстот на ЦИВИЛ Медиа, регистрирани возилата на ЈП „Улици и патишта“

Нерегистрираните возила кои по наредба на надлежните лица во ЈП „Улици и патишта“, од 11 јули беа испраќани на терен, се сепак - регистрирани, три дена по објавувањето на текстот на ЦИВИЛ Медиа.

Генералниот директор на ЈП „Улица и Патишта“, Синиша Ивановски, со кого тогаш се обидовме да стапиме во контакт, тогаш не беше достапен, но неговата секретарка тврдеше дека нерегистрирани и неисправни возила никогаш не се возат на терен.

Со оглед на тоа дека возилата, непосредно по разговорот и по објавувањето на текстот, се регистрирани, тоа значи дека претходно и покрај спротивното тврдење, сепак, не биле регистрирани. И не само тоа, како што не информираа вработените, со кои ЦИВИЛ Медиа деновиве разговараше, а кои сакаа да останат анонимни - стравувајќи за своите работни места, направени се и кадровски промени по обелоденувањето на настанот. Наводно, сменет е шефот на механизацијата, како и одговорниот кој ги правел списоците на оние вработени кои прифатиле да возат нерегистрирани возила и на значително поголемиот број на вработени кои одбивале да возат. Работната атмосфера, по објавувањето на нерегуларностите во работењето во претпријатието, била тензична и со притисок врз вработените.

13639904_10209750620067461_1471346655_o

Како што велат вработените, и покрај тоа што возилата сега се регистрирани, се уште не се платени казните на вработените кои, минатата година поради управување на нерегистрирано возило, добиле сообраќајни казни.

ЦИВИЛ Медиа ќе продолжи да објавува извештаи и содржини кои сведочат за прекршување на работнички права, и на тој начин како и во овој случај, да придонесува кон подобрување на условите во кои вработените работат.

ЦМ

Print Friendly, PDF & Email