Новинарството во канџите на квазиновинарите

Реформите во медиумите се клуч за реализација на фер, демократски и кредибилни избори, што пак, се единствен услов Македонија да излезе од политичката криза и од канџите на авторитарниот режим. Но, без професионализација на медиумите, без објективно информирање на јавноста, согласно со новинарските принципи и стандарди, што од друга страна, не е нешто непознато за историјата на македонското новинарство, коешто само пред една деценија беше дури и модел во регионот, се чини, невозможно е да се промени колективната свест на македонските граѓани.

portrt-252x500 (1)

Пишува: Моника Талеска

Во моментов, невозможно е македонскиот гласач, според свое убедување, слободно, но вооружен со вистинити и точни информации, со факти за работата на власта, да го даде својот глас на следните избори, градејќи ја самосвесно и одговорно сопствената, иднината на свои деца и давајќи придонес кон развојот на македонската демократија.

И додека продолжува неизвесноста на жешките преговори за клучните поенти од Договорот во Пржино, или уште повеќе за извештајот на Прибе, речиси 90 отсто од медиумите и натаму комплетно диригирани од власта, бесрамно ја ‘трујат’ јавноста со дезинформации, со розови лаги, со надуени невистини за наводен економски развој, инвестиции, за социјални бенефити и за намалена невработеност...

Додека опозицијата и меѓународната заедница, вложуваат жестоки напори да се ослободи медиумскиот простор во Македонија, репрезентите на власта и натаму дволично на тркалезната маса и во присуство на посредниците од меѓународната заедница, манипулираат на тема медиуми. Под велот на заложбите за слободни и демократски медиуми од типот на оние во развиените земји, власта на голема врата, носи законски регулативи, за владино рекламирање. А, како што потенцираат од ЗНМ, уште во 2013 –та на медиумскиот пазар вреден 20 милиони евра, дури 7 милиони евра или 30 отсто од вкупните средства за финансирање на медиумите, доаѓаат од Владата?! И, наместо со сигурен и доволно силен удар да се искршат сите алки од синџирот на коруптивните релации власт-медиуми, и конечно, да се отвори медиумскиот простор за објективни и балансирани информации, и натаму процесот на информирање е суспендиран од власта.

Значи, граѓаните и натаму ќе бидат пренесувани „жедни преку вода“, додека со медиумска „фатаморгана“ се водат по патот кон невидениот досега „македонски рај со бесценети богатства“,кои само што не ги допреле или ќе ги допрат ден по изборите.

Според тоа, во ваква констелација, за слободни и демократски, кредибилни избори можеме само да сонуваме. И ако врските меѓу власта и сопствениците на медиумите се сраснати со папочна врвца, логично е да се праша: Зошто и новинарите кои сé уште успешно ја играат улогата на медиумски кловнови, трчајќи по сите села и долини и следејќи ја секоја воздишка на експремиерот, лидер на ВМРО-ДПМНЕ, со несмален жар информираат за наводно врвните достигнувања, за највисоките дострели на незаменливиот Никола Груевски?

Како овие „новинари“, да се отрезнат, наместо бесрамно да продолжуваат да ги затвораат очите пред објективната вистина, трпејќи го секое понижување од нивните газди, сите закани, дека ако и во еден момент се спротивстават и се вратат на линијата на новинарството - ќе бидат итно заменети со лојални почетници, кои не треба ни да мислат, ни да мудруваат?!

Како да се презентира објективна слика на македонската, катастрофална реалност, кога, на пример, ниту меѓу предлозите на ЗНМ, ниту во Предлог мерките за итни демократски реформи на граѓанските организации, нема решение за многу значајното прашање: Како да се постави реска граница и(ли) забрана - активните новинари, да бидат во исто време, и портпароли на општините и на јавните институции и обратно?

Ќе се избориме ли реално за слобода на говорот, за демократски, за реформирани медиуми во кои новинарските постулати за објективност, точност, вистинитост и балансираност, ќе бидат свети за новинарите?

Ако бројните, клучни прашања и натаму останат отворени, невозможно е во Македонија да се врати демократијата и слободата на говорот, а копнежот за слободни и демократски избори на македонската продемократска јавност ќе биде само посакувана „овошка која на гранка зрее, но никој нема да може да ја стигне“!

Print Friendly, PDF & Email