Новинарот Божиновски казнет со 2.000 евра за непочитување на судот!

Подолго од два часа траело денешното рочиште на судењето на новинарот Зоран Божиновски во Кривичниот суд во Скопје. На рочиштето Божиновски ја презентирал својата одбрана, тврдејќи дека случајот против него е монтиран од  експремиерот Никола Груевски, поранешниот прв човек на тајната полиција Сашо Мијалков и ексминистерка за внатрешни работи Гордана Јанкуловска.

Поради непочитување на судот, судијката Ленка Давитковска го казнила Божиновски со 2.000 евра.

„Не илјада, туку 610.000 евра казнете ме! Јас ќе си кажам сè што сметам дека е во моја одбрана. Знам дека не сакате да ме слушнете, бидејќи сте гладни за пари... Сите три кривични дела за кои сум обвинет се измислени од власта. Во обвинителниот акт ниту има докази дека сум шпион, ниту пак е напишано и нема докази за која држава сум работел, какви тајни документи имам, а уште помалку било напишано со кого сум контактирал… Мојот лов од страна на ДПМНЕ имаше две фази. Првиот започна во 1999 година и траеше до 2002 година, кога бев крвнички претепан на работното место во Радио Тумба. Кога не успеаја со тоа да ме замолчат, започнаа со обиди да ме купат, посебно Драган Даравелски. Кога се преселив со семејството во Србија, во јуни 2010 ми се јавуваше Александар Бичиклиски во име на Никола Груевски“, изјавил Божиновски на денешното рочиште.

Новинарот Божиновски е обвинет за шпионажа, злосторничко здружување и уцена во случајот „Шпион“, но му се суди во одвоена постапка, бидејќи беше во Србија кога беше обвинет и кога траеше судењето за овој случај, за потоа, српските власти да го екстрадираат во Македонија. Во 2014 година, останатите обвинети во овој случај, меѓу кои и припадници на разузнавачката агенција, УБК и Министерството за одбрана, беа осудени на затворски казни за шпионажа, но и за уцена на влијателни личности од општествената и бизнис сцена, од кои барале пари за да не бидат објавени компромитирачки материјали за нив.

Божиновски реагирал и поради одвоената постапка против него.

„Да имаа барем еден доказ против мене, ВМРО одамна ќе ме осудеше на 10 години. Овој суд го сметам за злосторничко здружување и вас ве оценувам како дел од него, како продолжена рака на Никола Груевски. За мојот предмет не може да биде надлежен овој суд и ОЈО кога предметот 'Шпион' е под надлежност на СЈО“, потенцираше Божиновски.

 

Print Friendly, PDF & Email